Фискалниот совет предупредува дека пензискиот систем веќе е под сериозен фискален притисок, а без реформи, дефицитот би достигнал 6,3 % од БДП до 2030 година. Како решение се предлага комбиниран пакет мерки: постепено зголемување на придонесите, нов модел на индексација на пензиите и намалување на неформалното вработување. Меѓу препораките се и поголемо учество на жените на пазарот на трудот и доброволно продолжено работење по пензиската возраст. Со предложените мерки, според анализата, дефицитот би можел значително да се намали до 2050 година

 

Пензискиот систем во Македонија веќе се соочува со сериозен структурен фискален притисок, а проблемот не е само ризик за далечната иднина. Ова е главниот заклучок од најновите анализи презентирани денеска од Фискалниот совет, според кои без суштински реформи, дефицитот во пензискиот систем ќе продолжи да расте, додека односот меѓу пензиите и платите постепено ќе се намалува.

Оттаму посочија дека во 2025 година структурниот дефицит на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал 54,4 милијарди денари, односно 5,2 % од БДП. Според нив, тоа значи дека околу 41 % од расходите на Фондот се покриваат од државниот буџет. Посочуваат дека од 2023 година, расходите за пензии растат значително побрзо од приходите од придонеси – во 2025 година растот бил 19 % наспроти 8,8 % кај приходите.

Според проекциите на Фискалниот совет, доколку не се преземат реформи, дефицитот ќе достигне 6,3 % од БДП до 2030 година, а врвот од околу 6,6 % се очекува во периодот 2035-2037 година. Особено ризичен очекуваат да биде периодот од 2038 до 2048 година, кога транзициските трошоци ќе бидат највисоки, а бројот на осигуреници на еден пензионер ќе падне под 1,3.

На прв поглед, подоцнежното намалување на дефицитот – на 5,5 % во 2050 и 2,7 % во 2070 година – може да изгледа како подобрување, но од Фискалниот совет предупредија дека е тоа лажна слика. Тие сметаат дека причината е што ќе заостануваат пензиите зад растот на платите, а односот меѓу просечната пензија и нето-платата би паднал од околу 59 % на 35 % до 2050 година, иако во апсолутен износ, пак, дефицитот продолжува да расте.

– Одамна се наоѓаме под фискален притисок и на граница сме да ги поминеме формалните прагови – изјави претседателот на Фискалниот совет, Абдулменаф Беџети.

Тој посочи дека е неопходно да се прошири фискалниот простор, меѓу другото и преку „намалување на неформалното вработување“.

Како решение не се предлага една изолирана мерка, туку комбинација на политики. Според студијата на „Фајнанс тинк“, во периодот 2026-2030 година се предлага индексација со автоматски фискален механизам – само со инфлација кога дефицитот е над утврдениот праг, а моделот 50/50 кога е под него. Паралелно, придонесите постепено би се зголемиле од 18,8 % на 20 %.

На среден рок, од 2030 до 2040 година, фокусот би бил на зголемување на бројот на активни работници. Меѓу мерките се наведуваат поголемо учество на жените на пазарот на трудот преку отворање градинки, подолго останување во работен однос, доброволно продолжено работење по пензиската возраст и формализирање на вработувањето кај младите.

Студијата покажува дека не е доволна ниту една поединечна мерка, а комбинираниот пакет би го намалил дефицитот на околу 4,2 % од БДП до 2030 година, а до 2050 година на под 0,5 %. Во студијата е забележано дека промената на пензиската возраст сама по себе има мал ефект.

Сепак, реформата отвора важна дилема: финансиската одржливост или висината на идните пензии? При индексација само со инфлацијата, стапката на замена би паднала на околу 22 % до 2050 година. Затоа препораката од Фискалниот совет е да се воведе гарантирана минимална пензија, наместо повремени ад-хок зголемувања, и автоматски механизам за индексација.

Што се однесува до вториот пензиски столб, се предлага паралелно помладите осигуреници да имаат поголема изложеност кон акциите со повисок ризик, но и потенцијално повисок принос. Како што се приближуваат кон пензионирање, инвестициите постепено би се пренасочувале кон постабилни инструменти.

Фискалниот совет, сепак, нагласува дека неговата улога е советодавна.

– Чинителите на политиките одлучуваат што ќе се прифати од предложените сценарија – порача Беџети.

Тоа значи дека пред институциите стои тешка одлука: да преземат навремени реформи со краткорочни трошоци или да го одложат проблемот, со ризик идниот товар врз буџетот и врз идните генерации да биде значително поголем.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ