До неа се доаѓа по малата и тивка уличка „Сан Џовани“ и е на само околу 400 метри од познатиот римски Колосеум. Во близина на арената, прочуена по гладијаторските борби, по жртвувањето на тогаш прогонуваните христијани, кога му давале императорите на народот „леб и игри“, кон крајот на првиот век од новата ера, во една нешто поголема римска куќа следбениците на Исус Христос основале свој храм. Оттогаш, па наваму, сè е историја долга веќе две илјади години и историско место значајно и свето како за Рим, за западната цивилизација така и за словенските народи од југоисточните делови на Европа. Со такво чувство на среќавање со историјата и со спомените на луѓето што ја правеле и го менувале светот, намерникот влегува во римската црква „Сан Клементе“. Истото чувство го имавме и ние кога дојдовме да го посетиме храмот во кој е последното почивалиште на свети Кирил Солунски, сесловенски просветител со кого особено се гордее Македонија.

Неговиот гроб, кој веќе единаесет века, цели 1.157 години, се наоѓа во внатрешноста на храмот, и утре одново ќе биде место каде што претставниците на словенските народи ќе одржат молебен, ќе му оддадат почит, ќе му заблагодарат што со својот брат Методиј им ја подарил писменоста, ги просветлил, им дал можност да творат и да сознаваат на своите народни јазици, на тој јазик да го љубат христијанството… Односно, ќе се потсетува на приказната за Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, на создавањето на првото словенско писмо – глаголицата врз основа на гласовниот систем на македонскиот дијалектен говор од солунскиот крај, на преводите на богослужбените книги на старословенски јазик, нивното доаѓање во Рим, каде што во втората половина на деветтиот век го добиле благословот за ширење на христијанството и на нов јазик.

А сведоштвото за тоа време, за развојот на христијанството во некогаш моќната Римска Империја, за историското случување за македонскиот и за другите словенски народи, најдобро се гледа во не толку големата базилика „Сан Клементе“. За неа обично се вели дека не е обична црква, туку и своевидна временска капсула, мост меѓу најразличните историски периоди и епохи. Тоа е мотив поради кој секојдневно доаѓаат во храмот бројни туристи и верски поклоници – од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Полска, Чешка, Црна Гора, Словачка, но и од западноевропските земји.
Сведоштва од фреските
Намерниците од тие земји, со чиј дел дента ни се вкрстија патиштата во храмот, доаѓаат во базиликата која има прецизирано време за дозволени посети, двапати во денот. За римските стандарди, црквата не е толку голема и покрај камбанаријата висока околу дваесетина метри. Додека се движиме кон влезот, поминуваме покрај висок ограден ѕид на кој се забележува одронување на малтерот. Впечатокот дека трагите на времето го нагризуваат храмот се потврдува и на самиот влез додека поминуваме покрај старата железна ограда и главната дрвена порта. Веднаш потоа, пред очите се појавува убав црковен двор, со бочни коридори со столбови и мала фонтана во средината. Само десетина метри понатаму е главниот влез во храмот, кој се минува во тишина и, најчесто, со прекрстување. Семејството на туристи поклоници од Чешка ни кажува дека првпат доаѓа тука.
– Во Рим остануваме неколку дена и беше неизбежно да ја посетиме и оваа црква, во која почива свети Кирил. Сите добро знаеме што направиле тој и неговиот брат Методиј за словенските народи, за писменоста што ни ја дале, со што ни овозможиле сите да напредуваме. Без неговото дело, кој знае што ќе се случуваше со словенските народи. Кај нас, во Чешка, тој особено се почитува. Кога ќе застанеме пред неговиот гроб, ќе му се заблагодариме за тоа. Секако, ќе запалиме и свеќи, ќе се помолиме – ни рече главата на семејството, Јиржи.

Централниот дел на црквата сега е само делумно видлив за посетителите. Во тек се реставраторски работи на фрескомозаиците, па ѕидовите се прекриени со најлони и скелиња. Но, на нив се поставени фотографии од фреските, па посетителите добиваат претстава што има на нив. Сепак, на централниот дел во олтарот се видливи ликовите на повеќе светители, кон кои дојдените верници упатуваат молитви. Најголемиот дел од фреските се врзани за ликот и делото на свети Климент, по кого и е наречен храмот што почнал да се оформува уште во првиот век и кој бил третиот папа по ред што го наследил тронот од свети Петар. Па така, постојат фреските наречени „Свети Климент носи вода од карпа“, „Свети Климент со сидро“, сè до „Преносот на моштите на свети Климент“… Приказната за тие мошти зборува дека ги пронашле светите Кирил и Методиј на подрачјето на Крим и потоа ги донеле кај римскиот папа, кога дошле да бараат благослов во Рим за ширењето на писменоста и на христијанството и на словенските јазици. Меѓу фреските особено е специфична онаа со мотив од апсењето на свети Климент од тогашните римски власти предводени од патрициј Сисиниј, кој притоа, како што е забележано и на самата фреска, употребил и пцост на италијански народен јазик. Тој натпис, всушност, претставува едно од најстарите сведоштва за употребата на италијанскиот народен јазик во единаесеттиот век наспроти дотогашната стриктна употреба на латинскиот јазик.
Благодарност од словенските народи
Но, престојот во овој дел на храмот, кој е направен во 11-12 век, е само почеток на влегувањето во минатото, кое започнува со одење во долните делови од базиликата. Тој пат води кон долните простории, односно сè до првиот век од нашата ера, кога во тогашната римска куќа почнале да се собираат првите христијани, заедно со свети Климент. Остатоци и траги од тоа време сè уште може да се видат во најдолниот дел од подрумските делови на храмот. Таму, во најдолниот дел, чии ѕидови се постојано полни со влага поради подземните води, се наоѓаат и остатоците од некогашниот храм на Митра, кој бил бог на сонцето од Истокот и чиј култ во тоа време бил многу популарен меѓу римските легионери. Потоа, откако станало христијанството доминантна религија, култот бил забранет.

А над овој дел, на второто ниво, се остатоците од древната базилика, која прво била изградена во четвртиот век од наша ера и која потоа се надградувала, за да стане во средниот век една од најважните базилики во Рим. Нејзината тогашна важност била и причина што тогашниот римски папа, Адријан, решил во неа да биде погребан свети Кирил, откако починал во Рим, во 869 година. Односно ги одбил молбите на Методиј да го пренесе и погребе телото на својот брат во Македонија. Познато е, смртта на свети Кирил се случила откако дошол со Методиј во Рим, во 867 година, за оправдување на својата Моравска мисија, новото словенско писмо и проповедањето на народен јазик. Тогаш останале забележани зборовите на овој светител како одговор на прашањето на папата Адријан Втори зошто треба да се употребува јазикот на Словените: „Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви?…“ Благословот потоа бил добиен, по што свети Кирил влегол во историјата на словенските народи, бидејќи во сето она што го забележале тие во подоцнежните векови, како народи, стои делото на овој просветител.

Неговото почивалиште се наоѓа во долниот, втор и средиштен, дел од базиликата со која сега управува бенедиктанскиот католички ред од Ирска. Додека чекориме кон него, покрај фреските на ѕидовите, на патеката се забележува и мало бунарче исполнето со подземни води. Бројните ситни парички оставени во него сигурно ја покажуваат желбата повторно да се дојде тука. На крајот од ходникот, прво што се здогледува е ѕидот со бројни спомен-плочи во чест на свети Кирил, гранитната маса што е наменета за чествувањата и во чиј долен дел е почивалиштето на сесловенскиот просветител и рамноапостол. Гробот опкружен со стари тули, скромен, едноставен, каков што сигурно и бил големиот светител. А на спомен- плочите на ѕидот читаме зборови на благодарност од словенските народи. На онаа од Македонија ги читаме зборовите „На свети Кирил Солунски, сесловенски просветител, со благодарност од македонскиот народ“, а слични пораки читаме и на другите плочи: „На светите апостоли Кирил и Методиј, благодарниот украински народ“, „На светите апостоли Кирил и Методиј, благодарните Хрвати“, „Благодарност од чешкиот народ“, „Благодарен спомен од Словенците… од Србите, од народот на Црна Гора…“ Сведоштва што најдобро покажуваат каков долг кон свети Кирил ,но и неговиот брат Методиј, чувствуваат словенските народи. И поради тоа пред неговото почивалиште се стои мирно, простум, се поклонува и чествува како што правевме и ние и другите посетители што ги затековме пред почивалиштето во тие моменти. А тоа е најмалото нешто што е можно за човекот што со своето дело им ја отвори вратата на вечноста на словенските народи и чие дело треба постојано да се унапредува. (Б.Ѓ.)

Апел за помош во реставрацијата, ќе се вклучи ли и Македонија?
Состојбата во која се наоѓа оваа значајна базилика сега бара и помош од сите оние што се во можноста за тоа. Во предворието на храмот е истакнат плакат со апел да се помогне почнатата реконструкција зад која стои Градот Рим. Во апелот пишува дека зад него стои група почитувачи на овој храм и на неговите светители.
– Ние сме посветени на враќањето на уникатниот сјај на базиликата. Оваа мисија е овозможена единствено на луѓе како вас. Вашиот придонес е од витално значење за обновата на убавината на базиликата и за нејзиното зачувување за идните генерации – пишува во апелот.
Годинашното чествување и бројните посети што ќе бидат од страна на делегациите на повеќе земји, сигурно, го отвораат и прашањето дали сите тие земји, кои имаат тука и свои обележја како спомен-плочи, можат да помогнат да се врати стариот сјај.












