Сексуалните работници во Монтреал најавија штрајк еден ден пред Големата награда на Канада во Формула 1, барајќи подобри услови за работа. Групата стратешки одбра да се совпадне датумот со викендот за трките, за кој велат дека е „најпрофитабилното време во годината за нашите шефови“, поради огромниот број посетители, објавува „Дејли мејл“.

Протестот, кој ќе се одржи следната недела на денот на спринт-трката и квалификациите на патеката „Жил Вилнев“, го организира Автономниот комитет за сексуална работа. Според „Атлетик“, минатогодишната трка привлекла рекордни 352.000 гледачи во текот на викендот. Комитетот бара подобри услови во стриптиз-клубовите и салоните за масажа, официјално признавање на статусот на сексуалните работници како работници и пристап до владини бенефиции.

На нивната веб-страница, тие наведуваат цели како укинување на надоместоците што мора да им ги плаќаат танчарите на клубовите за правото на настап и укинување на „дискриминацијата во закажувањето“ врз основа на „раса, родов идентитет, возраст или тип на тело“. Едно од клучните барања е декриминализација на сексуалната работа на национално ниво.

  • Бидејќи не сме платени работници, немаме пристап до заштитата што ја имаат другите работници – изјави стриптизетата Селест Ајви од Монтреал за „Монтреал газета“.

Гран-прито на Канада се одржува во Монтреал од 1978 година, а неодамнешниот договор со канадската Влада обезбеди негово континуирано постоење до 2035 година. Додека се подготвуваат протести во градот, на патеката, австралиската ѕвезда Оскар Пјастри и Мекларен се надеваат дека ќе ја продолжат својата победничка серија. По тешкиот почеток на сезоната, тимот се прероди во Јапонија и во Мајами.

Пјастри го освои првиот подиум за тимот во сезоната, на „Сузука“, завршувајќи втор зад Кими Антонели од Мерцедес. Потоа тој ги освои второто место на спринт-трката во Мајами и третото место на главниот настан, веднаш зад колегата Ландо Норис, ставајќи ги двајцата во конкуренција за шампионатот.

ИЗДВОЕНИ