Макс Верстапен ја забележа првата победа во Сингапур во својата кариера, откако триумфираше на патеката „Марина Беј“ и уште еднаш покажа дека Ред Бул се враќа во посакуваната форма. За четирикратниот светски шампион ова беше 73. победа во Формула 1, а холандскиот возач беше особено задоволен од темпото на болидот и начинот на кој тимот ја одработи трката.

  • Имавме добро темпо кога беше потребно, и со меките и со средните гуми. Сè заврши добро и природно е што сум многу среќен“ изјави Верстапен.

Второто место му припадна на Шарл Леклер од Ферари, кој призна дека неговиот болид бил конкурентен на почетокот, но проблемите со гумите и стратегијата го спречиле да се бори за победата до самиот крај.

На третата позиција заврши Кими Антонели од Мерцедес, кој продолжи да ја зголемува предноста во генералниот пласман. Младиот Италијанец сега има 340 бода, дури 102 повеќе од својот тимски колега Џорџ Расел, кој во Сингапур заврши на деветтото место.

Со шест трки до крајот на сезоната, Антонели се наоѓа во одлична позиција и веќе на следната трка во Остин би можел да ја обезбеди светската титула.

  • Не се оптоварувам со тоа. Едноставно, сакам да имам што е можно подобар тркачки викенд, порача 20-годишниот возач.

Во центарот на вниманието се најде и Луис Хамилтон, кој мораше да се задоволи со шестото место. Седумкратниот светски шампион ја презеде одговорноста за погрешната стратешка одлука да остане на патеката со постари гуми.

Британецот во еден момент се најде на втората позиција, но потоа почна да губи места, откако гумите го изгубија прилепувањето. Пред него завршија Леклер, Антонели, Ландо Норис и Оскар Пјастри.

  • Извинете, момци, ве разочарав со мојата одлука за стратегијата. Изгубивме важни бодови и ќе се обидам да го надоместам тоа на следната трка, порача Хамилтон преку тимското радио.

Следната станица во шампионатот е Големата награда на САД во Остин, закажана за 25 октомври, каде што вниманието ќе биде насочено кон Верстапен, но и кон Антонели, кој би можел да направи огромен чекор кон светската титула.

ИЗДВОЕНИ