понеделник, октомври 12, 2026
Дома СВЕТ Трамп најави примирје меѓу Русија и Украина – Зеленски првпат слуша за...

Трамп најави примирје меѓу Русија и Украина – Зеленски првпат слуша за тоа

0
Фото: EPA/SERGEY DOLZHENKO

Доналд Трамп тврди дека Русија и Украина се договориле да ги прекинат нападите врз енергетската инфраструктура. Зеленски вели дека првпат слуша за договорот, додека од Москва нема официјална потврда за примирјето.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата (11 октомври) изјави дека Русија и Украина се договориле да престанат да ја напаѓаат енергетската инфраструктура на другата страна.

„Енергетското примирје во војната меѓу Русија и Украина стапува на сила веднаш“, напиша Трамп на својата платформа на социјалните мрежи. Тој додаде дека „двете страни се согласиле“ на договорот и ги повика да го почитуваат.

Во моментот на објавувањето, немаше официјална потврда од Москва, а реакцијата од Киев дополнително ја истакна нејасноста на ситуацијата, пишува „Дојче веле“.

Зеленски првпат слуша за примирјето

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за американскиот медиум „Аксиос“ (Axios), само неколку минути по објавата на Трамп, дека првпат слуша за таков договор.

„Најавата за примирје е новост за мене. Ако Русите се согласиле на енергетско примирје, и Украина ќе се согласи. Ако претседателот Трамп преговарал за ова со Путин, нека ни каже кога почнува примирјето. Ние сме подготвени и ќе го прифатиме“, рече Зеленски.

Подоцна, тој објави на социјалните мрежи дека, и по наводното примирје, руско беспилотно летало погодило енергетски објект во Киев, оставајќи дел од градот без струја. Украинскиот претседател претходно ја изрази својата подготвеност да ги запре нападите врз руските рафинерии доколку Кремљ престане да ја таргетира украинската енергетска инфраструктура.

Во последните денови, Трамп и Зеленски јавно се спротивставија во ставовите околу нападите врз руските капацитети за преработка на нафта. Американскиот претседател тврди дека токму овие напади придонеле за глобалниот недостиг на дизел.

Трамп сака пониски цени на горивото

Тензиите дополнително ескалираа откако Трамп во петокот објави дека постигнал договор со рускиот претседател Владимир Путин за купување дизел од Русија, иако во скромни количини.

Овој потег предизвика контроверзии бидејќи уследи само неколку недели откако американскиот претседател потпиша нов пакет санкции насочени кон рускиот енергетски сектор. Администрацијата на Трамп отворено признава дека сака да ги намали цените на горивото во САД пред конгресните избори следниот месец.

Договорот за купување руски дизел предизвика невообичаено силни реакции во Вашингтон. Двопартиска група од шестмина сенатори ја повика администрацијата на Трамп веднаш да се откаже од тој план.

Меѓу потписниците се демократите Џин Шахин и Ричард Блументал, како и републиканците Сузан Колинс, Лиза Мурковски, Том Тилис и Џон Кертис. „Соединетите Држави не треба да му пружаат финансиска помош за спас на Путин додека Русија продолжува да убива украински цивили“, се наведува во нивната заедничка изјава.

ИЗДВОЕНИ