Велешанка (61) е хоспитализирана откако пред неколку дена била касната од пајак – „црна вдовица“ додека работела на поле во велешкото село Еловец.
Побарала помош откако отровот почнал да делува, а по укажаната помош во Велешката болница префрлена е на понатамошен третман на Клиниката за токсикологија во Скопје.
„Жена од Велес на 61-годишна возраст е донесена во Ургентниот центар во вечерните часови. Додека била во поле ја каснал пајак на левата надлактица. Пациентката се јавила со болки во раката и грбот, вртоглавица и грчеви по целото тело. Истата е згрижена, дадена соодветна терапија и во договор со Клиника за токсикологија во Скопје трансферирана е кај нив за понатамошен третман“, изјавија од Општата болница – Велес.
Пајакот што ја касна жената е усмртен и донесен во болница, каде што лекарите потврдиле дека станува збор за „црна вдовица“.












