Сериозен скандал избувна во американскиот спорт откако беше поднесена тужба против младиот ватерполист Лукa ван дер Вуд за наводно сексуално злоупотребување соиграч во последните неколку години. Според тужбата, инцидентите се случиле во текот на неколку години, во елитното училиште „Харвард Вестлејк“ во Лос Анџелес, една од најпознатите спортски и образовни институции во Соединетите Американски Држави. Во обвиненијата се наведува дека нападите се случиле на повеќе локации, вклучувајќи го базенот, соблекувалните и тушевите, и жртвата тврди дека постојано била подложена на злоупотреба.
Во документите понатаму се наведува дека тренерите и училишната администрација биле свесни за настаните, но дека не реагирале соодветно, туку, како што се тврди, „ги свртеле главите на друга страна“.

Случајот е дополнително комплициран од фактот што спортистот претходно бил уапсен и казнет за сексуален напад, што повторно го отвори прашањето за контрола и надзор во училишниот спортски систем.
Овој случај предизвика голем одѕив во американската јавност, особено поради обвинувањата дека, можеби, имало систематско прикривање сериозни инциденти во рамките на училиштето. Истрагата е во тек и се очекува случајот да заврши на суд.











