Екипата на Вардар ја продолжи доминацијата во ракометниот Куп на Македонија. На мечот за пехарот, најтрофејниот македонски ракометен клуб го победи Охрид и со тоа се закити со осумнаесеттиот трофеј на ова натпреварот, што, секако, е рекорд во Македонија.

Меѓутоа, недолго по овој успех, клубот излезе со соопштение со кое ги поканува навивачите заеднички да го прослават 65. роденден. Прославата е закажана за четврток, кога ќе се судри лидерот во Суперлигата со екипата на Алкалоид. По повод јубилејниот роденден, ракометарите на Вардар ќе го одиграат натпреварот со Алкалоид во специјални ретро дресови.

– Подготвуваме многу изненадувања со кои ќе го прославиме  јубилејот на нашиот Вардар. Почетокот на натпреварот е закажан за 18:00 часот, а час и пол порано (околу 16:30 часот), на платото пред салата ќе има организирана фан-зона поддржана од нашите спонзори, а наменета за сите посетители. Затоа ве покануваме да дојдете и да уживате во забавата, која воедно ќе биде увертира за спектаклот што следува.

Неизмерна е нашата, а веруваме и вашата радост како навивачи, што по децении на заедничка борба за клубот, ја имаме честа да го одбележиме овој важен датум од историјата на клубот. Ви благодариме што секогаш сте биле тука за клубот и што никогаш не сте ни го свртеле грбот. Ви благодариме за поддршката и за сите заеднички спомени, кои ќе ги прославиме в четврток онака како што прилега и како што правевме 65 години – заедно. За крајот на јубилејната година, најавуваме и документарец, посветен токму на РК Вардар, на сите генерации што го граделе и бранеле неговото име, на легендите, играчите, тренерите и навивачите, кои оставиле неизбришлива трага во историјата на клубот – се вели во клупското соопштение.

ИЗДВОЕНИ