ВАЛВЕРДЕ: Не знам како или кога, но се колнам…

0

Уругвајската репрезентација доживеа големо разочарување на Светското првенство откако натпреварувањето го заврши во групната фаза.

Уругвајците освоија само два бода во Групата Х, што беше доволно само за третото место зад Шпанија и Зелено’ртските Острови, додека ја оставија зад себе селекцијата на Саудиска Арабија.

Се очекуваше многу повеќе од репрезентацијата, која се сметаше за еден од кандидатите за пласман во нокаут фазата, но Уругвај не успеа да ги оправда очекувањата. Недостатокот на ефикасност и бледите настапи во клучните натпревари скапо ги чинеа и беа меѓу првите што се збогуваа со Светското првенство.

Федерико Валверде, еден од лидерите на оваа генерација и играч од кого навивачите очекуваа да ја предводи репрезентацијата до значително подобар резултат, особено тешко ја издржа елиминацијата.

Неколку дена по настапот, играчот од средниот ред го прекина молчењето и испрати емотивна порака до навивачите преку социјалните мрежи.

Во неа, тој не бараше изговори, туку ја презеде целосната одговорност за неуспехот и рече дека нема да се откаже од дресот на репрезентацијата и покрај големото разочарување.

„Поминаа неколку дена од елиминацијата и дури сега почнувам да разбирам низ сè што поминав. Сепак, знам дека постои дел од мене кој веројатно никогаш нема да преболи уште една елиминација во групната фаза, како онаа во Катар. Тој трн е сè уште во мене.

Чувствувам огромна одговорност кон мојата земја. Претставувањето на Уругвај ми ја исполнува душата со гордост. Направив сè што беше во моја моќ. Се подготвував физички и ментално, работев напорно цела сезона за да не се повтори овој исход. Очигледно, тоа не беше доволно.

Го прифаќам поразот. Преземам целосна одговорност што не можев да ја исполнам мојата должност кон репрезентацијата и кон сите вас.

Знам како да се справам со неуспехот и сум свесен дека не бев на нивото што се очекуваше од мене. Но, нема шанси да се откажам од играњето за мојата земја, дури и ако тоа ме чини живот.

Не знам како или кога, но се колнам во мојот живот дека нема да ја напуштам оваа репрезентација сè додека не ја оставам таму каде што припаѓа, на самиот врв“, напиша Валверде.

ИЗДВОЕНИ