петок, септември 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Вајц: Убедите ги граѓаните дека правдата важи за сите, за да не...

Вајц: Убедите ги граѓаните дека правдата важи за сите, за да не заминуваат

1

Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет: Политиката на проширување да остане предвидлива

 

Политиката на проширување на Европската Унија треба да остане кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, но напредокот на Македонија кон членството ќе зависи и од спроведувањето на неопходните реформи и исполнувањето на преземените обврски. Ова беше една од главните пораки од 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Северна Македонија, на кој европратениците и македонските претставници разговараа за реформите, владеењето на правото и борбата против корупцијата, но и за животната средина, инфраструктурното и енергетското поврзување и односите со соседите.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, австрискиот европратеник Томас Вајц говореше за корупцијата и потребата од „правда за сите“. Тој предупреди дека правдата мора да важи еднакво за сите ако сакаме да има доверба во институциите.

-Сите земји-членки на ЕУ се борат со корупција, ниту една членка не е совршена. Ние се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики и меѓу нас. Во разни земји-членки има различно ниво на корупција. И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат затвор. Имавме огромен скандал со недвижности. Одговорниот беше господин Бенко. Многу луѓе сметаа дека тој е просто пребогат за да оди на суд. И довербата во системот можеше да се измери на денот кога го уапсија и отиде во притвор. Луѓето видоа дека и еден од најбогатите во Австрија ќе излезе пред суд, ќе биде приведен за тешко дело. Тој ги чинеше даночните обврзници милијарди, рече Вајц на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, којашто се однесуваше на борбата против корупцијата.

Тој посочи дека со владеење на правото не само што се исполнуваат критериумите за пристапување кон ЕУ, туку се вложува во општеството во кое живееме.

-Апелирам дека не се работи за реализација на обврските кон ЕУ, критериумите за пристапување. Се работи за вложување во вашето општество, во вашата земја, во функционирањето на вашите институции, вложување во довербата во системот. Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат, рече Вајц

Вајц предупреди дека една од најголемите пречки за економскиот и општествениот развој е иселувањето на младите.

-За младите особено е многу важно да разберат дека ако соодветно се образувам, ако добро работам, ќе имам добра плата и соодветна почит. Овде сум како поддржувач на Северна Македонија и на целиот регион. И сакам да ве предупредам дека ако младите заминат, заминува и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, довербата во правосудството и довербата во вашите институции, рече Вајц.

Европратеникот посочи дека ниту една земја не е сама во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

-Во поглед на борба против корупцијата, ниту една земја-членка не е совршена. Се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики меѓу земјите-членки. Има разлики и меѓу земји што се уште не се членки. Важно е да кажам дека сме заедно во оваа тешка борба против организираниот криминал, против криминалната енергија што сака да ја надитри легислативата. Вие работите, ние работиме и, за жал, правиме закони што ги следат чесните, а не криминалците. Слушајте ги сите чинители во општеството, вклучително и граѓанското општество. Истото важи и за мене и за моите колеги. Но тоа ни помага да изготвиме соодветни закони – рече Вајц.

Во поглед на Реформската агенда, Вајц посочи дека треба да се доработат измените на Кривичниот законик, со цел ЕУ да може да обезбеди средства поврзани со тоа.

-Во планот за раст, дел од концептот е — ако една држава не ги изведе реформите на време, тие пари одат на соседните земји. Колку што сум информиран, имате реална шанса да добиете значителни дополнителни средства, можеби 70-80 милиони евра. Ама не е во парите работата. Треба да им служите на граѓаните со Кривичен законик што создава не само ефикасен правосуден систем, туку и влева доверба кај населението. На крајот на краиштата, во државите и општествата клучно е дали граѓаните имаат доверба во системот – потенцира Вајц.

Македонија е полна со природни убавини, рекламирајте се

Известувачот рече и дека Македонија е полна со природни убавини и дека треба да се рекламира да му ги покаже на светот, затоа што тоа носи и економска придобивка.

– Ако видиме како Црна Гора и Албанија го развиваат природниот туризам, ќе видите дека ги имате сите предуслови. Северна Македонија е една од најубавите земји што ги имам посетено. Сум бил да планинарам на Пелистер, на Галичица, сум бил во Маврово, на Шара и ви честитам дека имате три национални парка. Колку луѓе знаат за тоа? Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате. Земјата ви е полна со природни убавини, што претставува и економска можност за целото население, особено за локалното, рече Вајц.

Вајц се осврна и на рударството оценувајќи дека се потребни суровини, но и дека не треба да се губи повеќе отколку што се добива и притоа потенцира дека има современи начини за рударство кои се поеколошки, но поскапи.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Арсова, се осврна за напредокот во законодавството на земјата во областа на животната средина.

– Во изминатиот период постигнат е напредок во усогласувањето на законодавството со европското во климатското управување, мониторингот, заштитата на природата, но и во зајакнувањето на институционалните капацитети. Особено значајно е што воспоставивме посебен сектор за климатска акција и тоа е јасен показател дека климатската политика добива сè поголемо институционално значење. Понатамошното зајакнување на техничките и инспекциските капацитети, особено на локално ниво, останува наш приоритет – рече таа.

Конкретни услови и јасни критериуми

Од европратениците беше упатена поддршка за европската перспектива на земјава, но и порака дека за отворање на преговорите за Кластерот „Темели“ остануваат конкретни услови, додека од македонска страна беше нагласено дека европскиот пат треба да се темели на јасни критериуми и еднакви правила за сите кандидати.

-Јасно е дека Северна Македонија несомнено припаѓа во европското семејство. Но исто така ни е јасно колку е долг и фрустрирачки овој пат кон евроинтеграциите за вашата земја. Сакаме да бидеме рамо до рамо со вас како Европски парламент, со вашите граѓани и со колегите во Собранието, изјави во македонското Собрание европратеникот Карло Реслер, кој е ко-претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.

Ко-претседавачот Иванка Василевска, пак, истакна дека во изминатиот период земјава постигна напредок во понатамошно зајакнување на антикорупциската рамка, владеењето на правото и институционалните капацитети, вклучително и преку измените на Кривичниот законик, подготовката на сеопфатната реформа и нова стратегија за спречување на корупцијата, како и преку напорите на Државната комисија за спречување на корупција за понатамошно зајакнување на јавната доверба во институциите.

Василевска истакна дека сме свесни дека како земја-кандидат имаме јасна одговорност доследно да ги спроведуваме неопходните реформи и континуирано да ги усогласуваме нашите политики со европските стандарди и вредности, особено во областите на енергетиката, транспортот, трговијата, одбраната и безбедноста.

-Но, кредибилитетот на процесот на пристапување се темели на заемна доверба и исполнување на обврските од двете страни. Затоа, е од особено значење постигнатиот напредок на земјите кандидати да биде соодветно препознаен и вреднуван, а европската политика на проширување да остане предвидлива и конзистентна. Само преку таков пристап можеме да обезбедиме одржлив реформски процес, да ја зацврстиме европската перспектива на земјите кандидати и истовремено да придонесеме кон посилна, побединa и поотпорна Европска Унија, способна поефикасно да одговори на предизвиците на глобалната конкуренција – нагласи Василевска.

Рокас: Има напредок на Реформската агенда

Евроамбасадорот Михалис Рокас го поздрави фактот дека земјава одржува целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика, вклучително и руската воена агресија против Украина, и е активен НАТО член.

-Има напредок на Реформската агенда и планот за раст и Северна Македонија е меѓу најдобрите. Тоа се случува со поддршка на Собранието, вклучително со усвојување на потребните закони. Наша политичка цел останува да се отворат преговорите за Кластерот Темели, штом се исполнат критериумите усвоени од Советот. И знаете дека тоа значи прво и пред сè дополнување на Бугарите во Уставот. И потребна е поддршката на Собранието во тој поглед. Собранието е место за дијалог, вклучително и за забрзани ЕУ реформи. Сите сили треба да се здружат во интерес на граѓаните. И докажавте дека тоа е можно — летово се усвоија закони со двотретинско мнозинство, како на пример за Граѓанската постапка и Законот за судовите – рече Рокас.

Рокас додаде дека владеењето на правото, правосудството, борбата против корупцијата остануваат во фокусот.

 Проширувањето – витална геостратешка инвестиција

Ирскиот амбасадор Брендан Вард, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, рече дека Советот на ЕУ го гледа проширувањето како витална геостратешка инвестиција.

-Целосната согласност со заедничката надворешна безбедносна политика покажува јасна стратешка посветеност кон ЕУ и е импресивно нешто во споредба со други земји од регионот. Северна Македонија неодамна влезе во Економскиот и социјален совет на ОН, активно е вклучена во мултилатералните и регионалните иницијативи и е конструктивно вклучена на глобалната сцена и во регионот – рече Вард.

Тој го поздрави фактот што за Владата интеграцијата во ЕУ останува стратешка цел. Според него, освен уставните измени, ќе треба да се забрза и спроведувањето на клучни реформи поврзани со ЕУ, како и да се задржи еланот во клучни области, како што е владеење на правото.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, истакна дека земјава е подготвена за конструктивен дијалог и за решенија што градат доверба и носат конкретна корист за граѓаните од двете земји.

-Нашата позиција е добро позната и останува непроменета. Сакаме добрососедски односи, дијалог и соработка со Бугарија. Но, истовремено, сметаме дека билатералните прашања поврзани со историјата, идентитетот и националниот наратив не треба да го определуваат европскиот напредок на една земја кандидат, рече Димитровски.

Во однос на темата со Бугарија, тој рече дека нашата позиција е добро позната и останува непроменета.

-Сакаме добрососедски односи, дијалог и практична соработка со Бугарија. Но, истовремено, сметаме дека билатералните прашања поврзани со историјата, идентитетот и националниот наратив не треба да го определуваат европскиот напредок на една земја кандидат. ​Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и достоинството на нашите граѓани не можат да бидат предмет на политичко преговарање. Ова не значи отсуство на подготвеност за компромис, напротив, подготвени сме за конструктивен дијалог и за решенија што градат доверба и носат конкретна корист за граѓаните од двете земји, рече замеикот на Муцунски.

Според него, потребен ни е нов пристап, пристап во кој ќе се фокусираме на она што нè поврзува и што може да нè придвижи напред, а Коридорот 8 е токму таков пример, како и инфраструктурното поврзување, енергетската соработка, трговијата, инвестициите, прекуграничната соработка и контактите меѓу луѓето се најдобра инвестиција во добрососедството.

Коридорот 8 го посочи и Кристијан Вигенин, европратеник од редовите на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и член на Делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет. Тој истакна дека овој коридор треба да нè поврзе и дека напредокот во поврзувањето е практичен тест на европската интеграција.

-Поврзаноста можеби не звучи толку политички како другите теми што ги дискутираме, но во нашиот регион таа е практичен тест на европската интеграција. Инфраструктурата којашто застанува на границата не е поврзаност, енергетската безбедност не се постигнува само со документи и не им помага на граѓаните да ги развиваат своите бизниси, затоа напредокот на Коридорот 8 е многу важен. Треба да бидеме практични и прагматични, да зборуваме за трговија, за инвестирање, а тоа значи подобар живот за нашите граѓани, што на крајот на краиштата е главна цел и на Европскиот парламент и на Собранието рече Вигенин.

Членовите на Европскиот Парламент остварија работна средба со вицепремеиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Како што соопштија од министерството, фокусот на разговорите биле европската интеграција на земјава, реформскиот процес и чекорите што претстојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Претходно, во вчера, европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, беше примен од Сиљановска-Давкова. (В.С.Н.) 

ИЗДВОЕНИ