Воведувањето на еврокодовите во градежништвото ќе придонесе за побезбедни и посигурни градби, подобар квалитет и за повисоки стандарди во сите фази на изградбата. Стручната фела смета дека еврокодовите треба што поскоро да станат единствени национални стандарди.
Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, посочува дека нивното воведување не значи автоматско зголемување на цената на становите. Според него, еврокодовите се флексибилни и овозможуваат да се приспособат трошоците на потребите, додека приоритет треба да бидат квалитетот и безбедноста.
– Во сите фази се зголемува безбедноста – од проектирањето до градењето – истакна Јосифовски, додавајќи дека станува збор за комплекс стандарди во кои е преточено европското искуство од изминатите децении.
Во земјава и натаму паралелно се применуваат постарите стандарди од 80-тите и од 90-тите години и еврокодовите. Јосифовски вели дека веќе десет години се работи на нивно воведување и дека треба идните проекти и градби да се темелат исклучиво на еврокодовите.
Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Андреа Серафимовски, признава дека процесот носи предизвици, но смета дека е неопходна нивна национална имплементација за да ги следи земјата европските процеси.
– Знаеме дека процесот има многу тешкотии што треба да се преминат, но тука сме да ги преземеме сите наши активности со цел инженерите побрзо да ги совладаат еврокодовите, а во државата да ги воведете како национални стандарди за да фатиме чекор кон процесите што се одвиваат во Европа – изјави денеска Серафимовски на националната конференција за еврокодови 2.0, на тема „Од стандардизација до национална имплементација“, која се одржа во Стопанската комора.












