Најмладите жители ќе бидат во центарот на вниманието на 27 ноември, кога со почеток во 19:00 часот, на Градскиот плоштад во Крива Паланка свечено ќе светнат новогодишната елка и новогодишните светилки. За музичката атмосфера ќе се погрижи диџеј Боно.
Од Општина Крива Паланка ги покануваат граѓаните и посетителите да дојдат со своите најмили и со заедничко одбројување да го означат почетокот на празничната сезона.
– Најубавиот украс на Крива Паланка се токму дечињата, а нивната радост е наша најголема мотивација. Оваа година градот ќе заблеска со уште поубаво украсување и со впечатливи празнични декорации. Нè очекува и богата програма на новогодишниот базар, со содржини за најмладите и со радост за целото семејство – изјави градоначалникот Сашко Митовски.
Од локалната самоуправа велат: „Со детски насмевки, музика и со заедничко дружење, Градскиот плоштад ќе стане место за семејна радост и за создавање топли празнични спомени“.
Во Велес, пак, по повод новогодишните празници, од 26 до 30 декември ќе се одржи „Винтерфест“, во Младинскиот парк.
– Незаборавно доживување, празнична магија, дружење со новогодишен базар, музика, греано вино, храна и забава за најмалите. Студени денови за топли спомени – најавуваат од Општина Велес.












