Управниот одбор на ДПМ го отвори конкурсот за традиционалните годишни награди на Друштвото на писателите на Македонија за дела објавени во 2026 година: „Стале Попов“ – за најдобра прозна книга, „Ацо Шопов“ – за најдобра збирка песни, „Ванчо Николески“ – за најдобра книга за деца, „Димитар Митрев“ – за најдобра книга критика или есеистика и „Мост“ – за најдобра книга објавена на некој од јазиците на заедниците во земјава.
Во согласност со Статутот на ДПМ, право на учество (со сопствено дело или како членови на жири-комисиите) имаат сите активни членови на Друштвото, кои треба да достават (лично, или по пошта) до просториите на ДПМ четири примероци од делото.
Во однос на регулативата, конкурсот за годишните награди на ДПМ се организира во согласност со Правилникот и во согласност со Деловникот за жири-комисиите.
Конкурсот ќе биде отворен до 23 декември, 15:00 часот. Оние дела што ќе бидат испечатени во периодот од 23 до 31 декември 2026 година, исто така, ќе можат да учествуваат, со тоа што авторот/издавачот, заедно со четирите примероци од делото, ќе треба да достави и потврда од печатницата, која ќе сведочи дека било испечатено делото во тој временски период.












