Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, вечерва (25 ноември) во 18:30 часот, ќе биде претставено новото бугарско издание на романот „Песот со тажен поглед“ од познатата македонска писателка, Оливера Николова. Настанот е посветен на 90-годишнината од раѓањето на Николова (1936–2024). За нејзиното литературно дело ќе зборува д-р Марина Мијаковска.

– Во калта, хаосот и суровоста на Првата светска војна, еден човек губи сè – својата татковина, својата слобода и три прста на десната рака. Откако станува воен заробеник на бојното поле во близина на Ниш, Австриецот Алберт Гас е фрлен во импровизираната Болница на Британскиот црвен крст во Скопјe. Среде неподносливата смрдеа, стенкањето на ранетите и постојаните ампутации без анестезија, тој мора да најде начин да преживее – физички и психички. Во оваа ѓаволска дупка, судбината го среќава со д-р Ира Павловна- Зошченко, мистериозен руски доктор со неверојатна интуиција, која во него гледа повеќе од само уште еден парталав затвореник. Кога се соочува Алберт со сериозни обвиненија во логорот, меѓу нив почнува сложена психолошка игра, во која се испреплетуваат лојалноста и тајните од минатото. Додека немилосрдно се движи фронтот кон југ, а лекарите од целиот свет се борат со недостиг на лекови и со воена саботажа, единственото нешто што го одржува скршеното срце на Алберт е едно живо сеќавање. Сеќавањето на Ал, неговото верно куче со тажен поглед, оставено некаде покрај железничките пруги, кое умее со својата кроткост да го бистри умот и да дава спасоносна јасност за смислата на животот.

Оваа книга на Николова е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2019 година.

 

ИЗДВОЕНИ