„Секој Македонец е важен“, „Изјаснете се како Македонци кои имаат македонско потекло, кои зборуваат македонски јазик и му припаѓаат на македонското православие“… Со вакви апели упатени последниве недели од страна на бројни македонски организации кон своите сонародници, утревечер во Австралија почнува новиот попис на населението. Целта на апелите на македонските заедници, епархии, црковни општини, активисти и претставници на институциите е жителите на петтиот континент што имаат македонско потекло да се изјаснат во што поголем број како припадници на македонската заедница. Редовниот попис на населението во Австралија, кој се одржува на секои пет години, ќе го спроведе Австралиското биро за статистика на 11 август, а на пописната ноќ треба да бидат евидентирани сите лица што се наоѓаат во Австралија, вклучувајќи ги посетителите и лицата со привремени визи. Претходно, во текот на втората половина од јули, секое домаќинство добило упатства за пополнување на пописот преку Интернет, но има и можност за добивање печатена верзија на формуларот, кој потоа треба да се испрати. Пописните обрасци ги пополнуваат самите граѓани, а македонската заедница е организирана така што на неколку пункта ќе им се помага на постарите лица при пополнувањето на формуларите.
Целта на апелите до македонската заедница е да се надминат последните пописни резултати од 2021 година, кога официјално било изброено дека на овој континент има 111.352 лица, а од кои 66.173 го зборувале македонскиот јазик во својот дом. Активистите во македонската заедница проценуваат дека е значително поголем бројот на населението со македонско потекло во Австралија и дека се движи и до 300.000. Но за да се потврдат ваквите неофицијални процени, потребно е што поголемо изјаснување на Македонците на пребројувањето, кое ќе почне денеска во вечерните часови, при што би било голема придобивка и охрабрување доколку стигне тој број сега до 200.000.
– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, пописот претставува значајна можност секој од нас да придонесе за точното евидентирање на македонската заедница во Австралија. За нас, Македонците во Австралија, од исклучително значење е правилно и јасно да се изјасниме. Податоците од пописот имаат големо значење за статистичката застапеност на македонската заедница, зачувувањето на нашиот национален, јазичен и верски идентитет, како и за идното планирање на образовните, културните и општествените програми – се наведува во апелот на Австралиско-сиденјската епархија на МПЦ-ОА.
Нашите сонародници се советуваат доколку тие, нивните мајки или татковци се родени во Македонија, тогаш во графата за земјата на потекло да напишат: MACEDONIA. На прашањето јазик во домот, треба да се избере: MACEDONIAN, за потекло/корени: MACEDONIAN, а за религија: MACEDONIAN ORTHODOX.
Македонската православна епархија за Австралија и за Нов Зеланд во својот повик до верниците особено нагласува дека при пополнувањето на пописот, во прашањето за религија треба да се избере графата „Other (Specify)“ и да се запише „MACEDONIAN ORTHODOX“.
– Ако впишете само „ORTHODOX“, ќе ве бројат погрешно во „GREEK ORTHODOX“ – се предупредува во апелот.
Ова придонесува македонската заедница да биде правилно евидентирана и признаена и да добие што поголема поддршка, се нагласува во обраќањето.
Новина на годинашново пребројување е тоа што граѓаните првпат ќе можат да наведат до четири варијанти на своето потекло наместо досегашните две. Тоа им овозможува и на лицата од мешаните бракови, како и на нивните потомци, да го запишат македонското потекло без да мора да се откажат од друг дел од семејното наследство. (Б. Ѓ.)












