Во 1933 година, кога не постоел терминот „трансродова личност“, Ѓула Виктор Ѓере, момче од еден салаш кај Сента, Војводина, направил операција на полот, а името Викторија, кој самиот го избрал, Министерството за внатрешни работи на Кралството Југославија експресно му го впишало во документите. По операцијата, тогашните новинари ја опишувале Викторија како личност чиј изглед, движења и држење сосема одговарале на жена. Единствено што, според нивните записи, останало од Ѓула бил длабокиот машки глас. Интересно е тоа што целата работа не би била завршена без поддршка од семејството, која и денес, барем на Балканот, знае да изостане во ваквите случаи
Додека денеска човештвото е растргнато околу бинарни и небинарни идентитети, речиси пред еден век, на Балканот, во тогашното Кралство Југославија, била извршена промена на пол. Во 1933 година, кога не постоел терминот „трансродова личност“, Ѓула Виктор Ѓере, момче од еден салаш близу Сента, Војводина, станал Викторија – и физички и во документите. За него тогаш се пишувало и во весник, со наслов „Момчето што стана – жена“.
Приказната на која се навраќа „Калдрма“ по многу години почнува со сестрата на Ѓула, која забележала дека тој почнал да се интересира за женските работи и да ги занемарува машките. Откако малку го притиснала, Ѓула признал: „Сестро, јас повеќе не сум маж, јас сум жена“. Таквото признание во рурална област на Кралството Југославија воопшто не било едноставно. Набрзо следувале осуди, шеги и коментари од околината. Ѓула три дена останал во соба, ништо не јадел, само плачел и липал, справувајќи се со реакциите на луѓето, што му било подеднакво тешко како внатрешната борба што веќе ја водел.
Но, потоа се случило нешто што е тешко замисливо и денес, особено на Балканот. Наместо да се откаже, Ѓула решил да побара од државата официјално одобрение за промена на идентитетот. Преку општинските власти, тој поднел барање да му биде дозволено да го смени името од Ѓула во Викторија и наместо машка, да носи женска облека. Барањето стигнало до Министерството за внатрешни работи на Кралството Југославија, од каде што експресно дошло официјално одобрение. Додека пукнеш со прсти, работата била завршена. Викторија Ѓере и официјално го добила правото да го носи името што самата го избрала и да живее како жена.
Печатот во тоа време направил паралела со данскиот сликар Ејнар Вегенер, денес попознат како Лили Елбе, по кого е снимен холивудскиот филм „Данската девојка“. Но, додека Лили минувала низ својата транзиција во специјализирани европски клиники, Викторија Ѓере ја доживеала својата трансформација на полот во Суботица. Хирургот д-р Фрањо Видаковиќ извршил успешна операција. Како што пишувал тогашниот печат, „женскиот полов орган на Ѓула беше повеќе, многу повеќе развиен од машкиот“, што е дијагностички опис што денес се става во спектарот на интерсексуалност, односно состојба каде што анатомските и хормоналните маркери на полот природно се развиваат надвор од ригидната бинарна поделба машко-женски.
По операцијата, тогашните новинари ја опишувале Викторија како личност чиј изглед, движења и држење сосема одговарале на жена. Единствено што, според нивните записи, останало од Ѓула бил длабокиот машки глас.
– Градите одеднаш се развија и секоја црта, секое движење стана женствено. Навистина, навистина, пред мене имам жена, жена за која никој не можеше да поверува дека била маж до неодамна, сè додека не проговори. Гласот, сепак, е сè уште груб, машки – пишува весникот.
Но, ниту една приказна за транзиција не може да биде комплетна без поддршка. Семејството на Викторија не стоело настрана. Во денешно време, кога завршуваат слични приказни обично со отфрлање и со изолација, таа имала поддршка од најблиските. Тоа се покажало како една од главните причини зошто успеала да го постигне тоа што го сака. Во нејзиниот случај не помалку важна, можеби клучна улога одиграл човек чија биографија сама по себе наликува на роман, пишува „Крстарица“. Сергиј Енвалд бил руски емигрант, поранешен царски офицер, кој работел во Сента како полицаец, потоа како кочијаш, а потоа и како општински службеник во трошарина. Човекот, кој слушал за приказната од зетот на Викторија, помеѓу канцеларијата и крчмата, решил да помогне со делот за поднесување барање за промена на полот, бирократијата, целиот процес…
Господине Енвалд, ви благодарам! Да не бевте вие, сè ќе беше поинаку… – рекол стариот Ференц, татко на Викторија.
Додека денес алгоритмите ги наградуваат оние што најгласно викаат за својот идентитет, додека социјалните мрежи се претвораат во арени на идеолошки војни за трансродовоста, небинарноста, додека се извлекуваат аргументи за важноста на традиционалното семејство, приказната за Викторија Ѓера стои како тивок, речиси незабележлив споменик на една едноставна вистина: потребата да се живее во хармонија со себе не е креација на 21 век, не е производ на Интернетот и не е само тренд. Со поддршка од таткото, семејството и од еден Русин, девојката со машки глас влезе во балканската историја. На Викторија денеска не треба да се гледа како на интересна историска личност, туку како на сведоштво дека личните борби за идентитет постоеле долго пред општеството да им најде име.












