Предавајќи ѝ ја претседателската функција што ќе ја врши сè додека не се избере нов претседател, Вучиќ ѝ даде на Брнабиќ букет цвеќе, затоа што тој ден ѝ беше роденден. Таа сега е в.д. претседател на државата и е третата жена што ја има таа функција, додека Србија никогаш немала жена претседател во својата историја. Исто така, таа е првата жена во Србија што ги вршела трите најважни државни функции: премиер, претседател на Собранието и в.д. претседател на државата
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, го исполни ветувањето и во неделата попладне поднесе оставка. Веќе изутрината ѝ ја предаде функцијата на својата блиска соработничка, Ана Брнабиќ, која е претседател на Народното собрание. Таа сега е вршител на должноста претседател на државата и е третата жена што ја има таа функција, додека Србија никогаш немала жена претседател во својата историја. Исто така, таа е првата жена во Србија што ги вршела трите најважни државни функции: премиер, претседател на Собранието и в.д. претседател на државата. Предавајќи ѝ ја претседателската функција што ќе ја врши сè додека не се избере нов претседател, Вучиќ ѝ даде на Брнабиќ букет цвеќе, затоа што тој ден ѝ беше роденден.
– Еве ги финансискиот извештај, извештајот за активностите на Претседателството, деталите за судските спорови, одлуките за помилување и евиденцијата за уметничките дела, подароците и за другите предмети што сме ги примиле јас, Томислав Николиќ и Борис Тадиќ (поранешни претседатели) – ѝ рече Вучиќ на Брнабиќ пред камерите, во текот на примопредавањето на должноста во зградата на Претседателството на Србија во центарот на Белград.
Исто така, тој ѝ го предаде и печатот на претседателот на Републиката, спакуван во црвена кутија.
– Сакам да му се заблагодарам на претседателот Вучиќ за сите негови напори во име на Србија, верувам дека никогаш претходно сме немале претседател како него, ниту, пак, Србија некогаш ќе има претседател кој толку силно се борел за земјата и кој сè друго ставил настрана заради Србија. Чест е што ја презедов оваа должност од таков човек, а сега на мене е да ја чувам оваа позиција сè додека народот не го избере следниот претседател на Србија – рече Брнабиќ.
Сега таа има задача да распише избори за нов шеф на државата, затоа што Вучиќ си даде оставка пред да му истече мандатот. Според член 10 од Законот за избор на претседател на Републиката, доколку мандатот на претседателот заврши предвреме, мора да се распишат избори така што гласањето да се одржи најдоцна три месеци од денот на завршувањето на мандатот на претседателот. Тој член предвидува дека периодот меѓу распишувањето на изборите и денот на гласањето не може да биде пократок од 30 дена, ниту подолг од 60 дена, така што Брнабиќ може да биде в.д. претседател 90 дена. Последниот можен датум за одржување на претседателските избори е 27 декември, па така, во краток временски рок, Србија ќе спроведе два изборни циклуса: на 25 октомври ќе се избираат 250 пратеници, а потоа и претседател на Републиката. Според Законот за претседател на Републиката, в.д. претседателот е овластен да ја претставува Србија во земјата и во странство, да прима акредитивни и отповикувачки писма од странски дипломатски претставници, да распишува избори за Народното собрание, да му предлага на Народното собрание кандидат за премиер, да врши овластувања поврзани со одбраната на Србија и да командува со Вооружените сили на Србија.
На Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ на претстојните избори ќе ѝ се спротивстават студентите со своја листа, на која има помалку познати експерти, професори, наставници, спортисти и поединци од различни сфери на општеството. Во пресрет на изборите, групи студенти ја обиколуваат земјата со велосипеди, во рамките на турата „Чувари на уставот“, како дел од кампањата што повикува на владеење на правото и крај на корупцијата. Во Врање, студентите ги пречекаа голем број луѓе со факли, со музика и со храна, а меѓу песните што повеќепати се слушаа беше и „Цело Врање“, препев на песната „Цело Скопје“ на Благица Павловска. Во близина се собраа и приврзаници на владејачката СНС, а двете групи ги разделуваше полициски кордон.
Оставката на Вучиќ ја регистрираа светските медиуми. Американската агенција „Асошиејтед прес“ (АП) и британската „Ројтерс“ уште вечерта објавија итни и кратки вести за тој чин.
– Популистичкиот претседател Александар Вучиќ вечерва поднесе оставка за да се кандидира за премиер на претстојните вонредни парламентарни избори, кои ќе го тестираат неговото цврсто владеење во оваа балканска земја, потресена од речиси двегодишни протести – објави АП, додавајќи дека се толкува неговата одлука да се кандидира за премиер како внимателно испланиран маневар, со цел да ја задржи водечката позиција и да ги зголеми шансите на неговата партија во конфликтот со студентското движење.
Аналитичарите наведуваат дека резултатите од анкетата на јавното мислење за студентската листа и за Вучиќ се многу блиски, што укажува на неизвесна трка и на атмосфера слична на референдум.












