Загреб остана без јавен превоз вчера изутрина откако работниците во ЗЕТ и „Загреб холдинг“ почнаа штрајк во 3:30 часот, па граѓаните одеа на работа, в училиште и градинки пеш, со велосипед, со автомобил и со такси.
Во еден момент, само два трамваја, на линиите 11 и 17, и еден автобус на линијата 330 сообраќаа низ целиот град. Жичницата продолжи да работи редовно. Еден од ретките трамваи што излегоа на улица привлече дополнително внимание бидејќи контролата за билети влезе во него. Бидејќи многу патници не очекуваа јавниот превоз воопшто да работи, голем број од нив немаа билет и мораа да го напуштат возилото. Еден од трамваите го возеше жена, која не се приклучи на штрајкот. Таа ги собра симпатиите на граѓаните. Оние што влегуваа во трамвајот и дава подароци и цвеќе, а минувачите ја поздравуваа.
Бројот на автомобили на улиците се зголеми за 15 проценти, а градските велосипеди „Бајс“ беа меѓу најбараните алтернативи. Системот има околу 2.000 велосипеди на 195 локации, а се очекуваат околу 60 проценти повеќе изнајмувања од вообичаеното. Побарувачката за такси и возење преку дигитални платформи е исто така поголема, објавуваат хрватските медиуми.
Штрајкот почна по неуспешните преговори меѓу синдикатот и раководството на ЗЕТ и „Холдинг“ за плати, материјални права и нови колективни договори. Синдикатите побараа зголемување на материјалните права за 19 проценти, додека раководството понуди зголемување на основната плата за 4,5 проценти. Последниот обид за договор не успеа во саботата, па не се знае до кога ќе трае штрајкот.












