Западно-нилската треска во земјава продолжува да се шири и во втората половина на септември. За само една недела се регистрирани уште пет нови случаи, со што вкупниот број заболени годинава достигна 70 лица, покажува најновиот неделен епидемиолошки извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 22 септември. Од новите пет случаи, три се од Скопје, еден од Велес и еден од Тетово. Дури 69 случаи се автохтони, односно инфекцијата е стекната во земјава. Најзагрижувачки е податокот за тежината на заболувањето. Од 70-те регистрирани случаи, 68 пациенти развиле невроинвазивна форма на Западно-нилска треска, а само два случаи се без невроинвазивна форма. Сите 68 пациенти со оваа форма на болеста биле хоспитализирани.
Според последните податоци, 50 пациенти се испишани од болница, деветмина сè уште се лекуваат, а девет пациенти починале. Просечното траење на лекувањето кај испишаните и починатите пациенти изнесува 14 дена. И понатаму Скопскиот регион е убедливо најпогоден. Според местото на живеење, 63 од 70 заболени се од Скопје, три се од Велес, а по еден случај имаат Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести, според податоците наведени во извештајот на ИЈЗ, до 17 септември регистрирал циркулација на вирусот во 180 региони во 16 европски земји, со вкупно 1.482 автохтони случаи.












