понеделник, октомври 12, 2026
Дома СВЕТ Ураганот „Сајмон“ го погоди Мексико, се очекуваат катастрофални последици/видео

Ураганот „Сајмон“ го погоди Мексико, се очекуваат катастрофални последици/видео

13
Фото:видео, „Икс“

Ураганот „Сајмон“ (Simon) го погоди пацифичкиот брег на Мексико како ураган од трета категорија, носејќи силни ветрови и обилни дождови. Иако центарот на бурата остана над океанот, нејзините најсилни ветрови и дождови ги погодија населените места сместени помеѓу планинскиот венец Сиера Мадре и Тихиот Океан, пренесува АП.

Ураганот се движеше паралелно со брегот, приближувајќи се кон популарниот туристички град Пуерто Ваљарта. Според Националниот центар за урагани на САД (NHC), брзината на ветерот синоќа опадна на 185 километри на час, но бурата сепак продолжува да претставува значителна закана.

Областа околу Пуерто Ваљарта – популарен туристички град на мексиканскиот пацифички брег во сојузната држава Халиско – е особено загрозена. Многу жители живеат на ридовите над туристичките одморалишта, во домови што можеби нема да ги издржат силните налети на ветерот.

Синоќа, центарот на ураганот се наоѓаше на околу 75 километри јужно од Кабо Кориентес, рт на мексиканскиот пацифички брег во близина на Пуерто Ваљарта. Бурата се движеше кон северозапад со брзина од околу седум километри на час.

Филип Папин од Националниот центар за урагани на САД предупреди дека Кабо Кориентес, сместен на западниот раб на мексиканското копно, би можел да претрпи директен удар. Оваа област лежи на јужниот крај на големиот залив Бахија де Бандерас (Залив Бандерас), каде што е сместен Пуерто Ваљарта.

„Очекуваме катастрофални последици од силните ветрови и пораст на нивото на морето што претставува закана по животот долж западните и централните делови на мексиканскиот брег, каде што моментално е на сила предупредување за ураган“, рече Папин. Тој исто така предупреди на обилни дождови што би можеле да предизвикаат опасни поплави и лизгање на земјиштето, особено во планинските крајбрежни области, како и на големи браноови.

ИЗДВОЕНИ