Полската полиција изврши контроли во речиси 80.000 образовни установи, а низ земјата се приведени 135 лица во врска со инциденти што се случиле во училиштата, соопштија денеска полските власти.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер), полицијата наведе дека построгите контроли биле поттикнати од серија насилни инциденти во училиштата во Мазовското Војводство, пренесе новинската агенција ПАП.
„Во периодот од петокот до понеделникот во 6 часот наутро, регистрирани се 311 инциденти при кои полициските службеници вршеле проверки поради основано сомневање дека е сторено кривично дело“, соопшти полицијата.
Според заменик-министерот за внатрешни работи и администрација, Вјеслав Шчепањски, апсењата се поврзани со онлајн промовирање на разни видови содржини, поседување ладно оружје и планирање на потенцијални акции.
Тој изјави дека околу 24.000 полициски службеници ќе вршат контроли во полските училишта.
„Доколку забележиме дете кое се однесува на начин што буди сомнеж, ќе ги прегледаме и нивните чанти“, додаде заменик-министерот.
Во четвртокот, во основно училиште во Лешчидол-Новини, 15-годишник нападнал три лица, меѓу кои и 37-годишен вработен кој починал како последица на нападот. Еден ден претходно, во средното стручно училиште во Остроленка, деветнаесетгодишник со нож нападнал девет лица, меѓу кои пет ученици и двајца наставници.












