По повеќемесечни протести и блокади на локалните патишта, жителите на преспанското село Љубојно соопштија дека извојувале „мала победа“ во обидот да ја заштитат шумата над селото од целосна сеча. Организаторите на протестите информираа дека добиле известување од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во кое од Министерството наведуваат дека добиле стручно мислење од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ – Скопје, во кое се укажува на потребата од измена и дополнување на постојниот план за стопанисување со шумите за шумскостопанската единица „Пелистер-Брајчино“, за периодот 2024 – 2033 година
– Стигна и официјална потврда дека нашите барања за промена на планот се прифатени, ова е победа на Љубојно во одбрана на животната средина и на екосистемот, ова е потврда дека доколку стоиме заедно зад иста цел, можеме и да ја постигнеме – објавија организаторите на протестите.
По повеќемесечни протести и блокади на локалните патишта, жителите на преспанското село Љубојно соопштија дека извојувале „мала победа“ во обидот да ја заштитат шумата над селото од целосна сеча.
Организаторите на протестите информираа дека добиле известување од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во кое од Министерството наведуваат дека добиле стручно мислење од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ – Скопје, во кое се укажува на потребата од измена и дополнување на постојниот план за стопанисување со шумите за шумскостопанската единица „Пелистер-Брајчино“, за периодот 2024 – 2033 година.
– Стигна и официјална потврда дека нашите барања за промена на планот се прифатени, ова е победа на Љубојно во одбрана на животната средина и на екосистемот, ова е потврда дека доколку стоиме заедно зад иста цел, можеме и да ја постигнеме – објавија организаторите на протестите.
Жителите на Љубојно, како и сопствениците на викенд-куќи во селото, со месеци апелираа до надлежните институции да го преиспитаат планот на ЈП „Национални шуми“. Тие предупредуваа дека целосната сеча на дабовата шума над селото може да предизвика поплави и свлечишта, што директно би ги загрозило нивните домови и водоснабдувањето.
Како аргумент ја посочија ситуацијата од август минатата година, кога по пороен дожд, селото беше поплавено за неполн час, при што водата достигнала до колена во централниот дел. Слични појави, велат тие, се повторувале и во наредниот период.
Според важечкиот план, предвидена е т.н. „гола сеча“ на дабовата шума, со очекувано количество од околу 4.000 кубни метри дрвна маса во рок од една година.
По добиеното стручно мислење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство испратило допис до ЈП „Национални шуми“ со насока да почне постапка за измена на планот, со што практично е отпочната административната процедура за ревидирање на одлуката за сеча. Токму поради оваа одлука, жителите повеќе од 250 дена го блокираа патот за камионите на концесионерот „Диба Трејд“ од Косел.
Ревизијата на планот, според мештаните, претставува индиректно признавање на ризиците од поплави, на кои тие укажуваа со месеци. Сепак, од Владата претходно тврдеа дека станува збор за регуларна сеча на нискостеблест даб во одредени шумски оддели.
Концесионерот „Диба трејд“ има добиено тендер од ЈП „Национални шуми“ за изградба и реконструкција на шумски патишта и транспорт на дрвни сортименти, при што на две парцели му е дозволена сеча од над 4.000 кубни метри дрва во период од една година.
Иако е најавена ревизија, конечна одлука за целосно запирање на сечата сè уште не е донесена, а жителите на Љубојно остануваат во неизвесност околу иднината на шумата што го штити нивното село.












