понеделник, јули 6, 2026
Дома СВЕТ Украински беспилотни летала ја погодија најголемата руска рафинерија за нафта

Украински беспилотни летала ја погодија најголемата руска рафинерија за нафта

0
Фото:принтскрин, видео „Икс“

Украинските сили извршија напад врз најголемата руска рафинерија за нафта во Омск, која се наоѓа на повеќе од 2.500 километри од украинската граница, објави Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Според објава на „Телеграм“, нападот предизвикал пожар во рафинеријата, додека обемот на штетата сè уште се утврдува.

Од друга страна, руската новинска агенција Интерфакс, повикувајќи се на гувернерот на регионот Омск, Виталиј Хоченко, објави дека руските сили за воздушна одбрана одбиле напад од неколку беспилотни летала кои стигнале до северната индустриска зона на Омск, објави „Скај њуз“.

Рафинеријата се наоѓа во југозападен Сибир, во близина на границата на Русија и северен Казахстан, и е географски поблиску до Монголија и Кина отколку до Украина.

Нападот врз рафинеријата во Омск е продолжение на украинските напади длабоко на руска територија. Во последните месеци, украинските сили извршија серија напади врз важни руски нафтени објекти, воени објекти и инфраструктура на територијата на Русија и окупираниот Крим, обидувајќи се да ги ослабат логистичките и енергетските капацитети на Москва, пренесе Н1.

ИЗДВОЕНИ