Фабијана Бланко е 12-годишно девојче, чија фотографија како се насмевнува низ дупка во урнатините на нејзиниот дом во зграда срушена во разорните земјотреси во Венецуела, го обиколи светот. Нејзината приказна е неверојатна: таа беше 32 часа заробена под купишта бетон, пред спасувачите да ги слушнат нејзините повици и да ја извлечат. Како што вели, преживеала јадејќи кечап и рендано сирење, а под урнатините успеала да сними и видео.
Нејзината мајка, која не била дома кога се затресла почвата, преживувала агонија убедена дека го изгубила единственото дете, сè додека волонтерите не ѝ кажале дека девојчето е живо, пишува Би-би-си.
Во хаосот што настанал со земјотресот, кога пристигнала пред својот дом во Карабаледа, во северната држава Ла Гваира, како што раскажува, видела една зграда, потоа празнина таму каде што била нејзината, а потоа уште една зграда. Фабијана, пак, изјавила дека била сама дома, а кога го почувствувала тресењето, истрчала во кујната и се фатила за шанкот додека ѕидовите се уривале околу неа. Тогаш за неа почнала 32-часовната агонија, додека надвор, мајка ѝ мислела дека е мртва, гледајќи во половината од нејзиниот кревет што ѕиркал од урнатините. За тоа време, Фабијана лежела со лицето нагоре, заробена од сите страни, а таванот речиси ѝ го допирал лицето. Подоцна, медицинската сестра која работела како негувателка на соседите на горниот кат почнала да вика за да види дали некој може да ја чуе, а Фабијана ѝ одговорила. По шест часа, околу полноќ, спасувачите ја извлекле медицинската сестра од урнатините, а таа ѝ ја пренела на Карина информацијата дека нејзината ќерка е жива.
– Ногата ми беше лошо свиткана и растргав малку од урнатините да ја исправам. Најдов шише кечап и малку рендано сирење. Тоа ме држеше свесна, вели Фабијана. Тогаш го пронашла и својот мобилен телефон и додека чекала да ја спасат, почнала да снима под урнаитните, не знаејќи дали воопшто има сигнал. „Зградата Ритамар Палас. Имаше земјотрес и сè се урна. Нема светлина. Нема никој да нè спаси. Јас сум сама. Многу соседи се заробени. Ни треба вашата помош“, вели Фабијана во видеото. Во тоа време, спасувачите си заминале бидејќи не одговорила на нивните повици, но еден волонтер по име Виктор не се откажал. Се искачил на урнатините и почнал да ја вика. Овој пат таа го слушнала и му одговорила. Но, пожарникарите рекле дека таму не може да се помине и си заминале. Неколку часа подоцна, пристигнала друга противпожарна служба, која се обидела, но не успеала да стигне до Фабијана. Веќе било темно кога пристигнал посебен спасувачки тим од Каракас, кој почнал да работи откако седум моторцикли и неколку возила ги насочиле фаровите кон урнатините. Малку по малку, бетонот бил пробиен и била направена дупка низ која можело да се види девојчето. Видеото на кое се гледа како Фабијана се насмевнува ѕиркајќи низ дупката, стана вирално.
Фабијана, која поминала со скршеница на ногата и неколку гребнатинки и модрини, е меѓу трите спасени луѓе од зградата во која живееле 50. Во двата разорни земјотреси еден по друг во Венецуела, загинаа 3.342 луѓе, а десетици илјади сè уште се водат како исчезнати.












