Три лица се обвинети во Њујорк за користење вештачка интелигенција со цел да се претстават како корпоративни раководители и адвокати, при што украле приближно 129 милиони долари. Тие се соочуваат со обвиненија за измама преку електронски комуникации и тешка кражба на идентитет, соопштија обвинителите во четвртокот.
Во текот на повеќе од една и пол година, Џејкоб Соал (41), Шерон Хазан (54) и Гај Шетрит (42) наводно спровеле шема со употреба на вештачка интелигенција, таргетирајќи илјадници компании ширум светот, се наведува во обвинението поднесено до Окружниот суд на САД во Њујорк, пренесува AP.
Судските документи покажуваат дека меѓу жртвите биле болнички системи во Мисури и Калифорнија, банка во Род Ајленд, фирма за финансиска технологија во Обединетото Кралство, компанија за инвестициски фондови во Масачусетс и компанија за храна за домашни миленици на Флорида.
Обвинетите – кои потекнуваат од Шпанија, Обединетото Кралство, Израел и Обединетите Арапски Емирати – исто така се товарат за перење пари, се вели во обвинението.
Адвокатите на Соал и Шетрит не одговорија веднаш на електронската порака во која беше побаран коментар.
Засега не е јасно дали Хазан има правен застапник. Канцеларијата на американскиот обвинител за Јужниот округ на Њујорк не одговори веднаш на гласовната порака оставена од агенцијата „Асошиејтед прес“ (AP).
Тројцата поединци биле уапсени во периодот помеѓу јуни и септември. Според изјавата од Канцеларијата на американскиот обвинител, Хазан во 2008 година била осудена пред суд во Њујорк за заговор за извршување банкарска измама.
Тројката – чии прекари вклучуваат „Роки Балбоа“, „Супермен Кеш“ и „Фет Бој“ – често ги таргетирала сметководствените оддели на компаниите.
Тие испраќале електронски пораки претставувајќи се како раководители на компаниите, барајќи помош околу доверлива финансиска трансакција, се наведува во судските документи.
Исто така, тие организирале телефонски или видео повици, при што обвинетите користеле вештачка интелигенција за да го имитираат гласот – а понекогаш и изгледот – на некој раководител, се вели во обвинението. Според судските документи, обвинетите им давале насоки на вработените да стапат во контакт со адвокат од голема адвокатска канцеларија – идентитет што групата исто така го преземала.
Соал главно се претставувал како адвокат од Обединетото Кралство и поседувал „рачно напишано сценарио насловено ’Повик од адвокат‘, кое го користел за да создаде впечаток дека е вистински адвокат додека разговарал со своите жртви и ги измамувал“, соопштија од Канцеларијата на американскиот обвинител. Според судските документи, адвокатот, чиј идентитет го злоупотребувале, им давал насоки на вработените да префрлат големи парични суми на банкарски сметки ширум светот.
Понатаму, средствата биле претворени во криптовалута во обид да се прикрие нивното потекло, а потоа биле поделени меѓу тројцата обвинети и други вклучени лица, се наведува во судските документи.
Џејмс С. Барнакл Помладиот, помошник-директор на ФБИ кој го надгледува случајот, изјави дека овој случај покажува како напредната технологија може да се злоупотреби за извршување измами од големи размери.












