Општина Карпош на почетокот од новата учебна година ќе ги пречека најмладите ученици, кои годинава првпат ќе седнат во училишните клупи, обезбедувајќи им ранче и основен училиштен прибор. Оваа активност се реализира согласно со годишната програма на Одделението за образование, за која од буџетот на Општина Карпош се издвоени 1.000.000 денари.
По повод почетокот на учебната година, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, ќе ги посети основните училишта на територијата на Општина Карпош, при што на првоодделенците ќе им бидат врачени ранчињата и училишниот прибор.
– Со оваа мерка, Општина Карпош ќе им посака топло добредојде на најмладите ученици и успешен почеток на нивното образование, а воедно обезбедува и финансиска поддршка за семејствата во пресрет на новата учебна година – соопштија од локалната самоуправа.












