Општина Аеродром продолжува со реализација на проектите насочени кон унапредување на јавниот простор и подобрување на условите за живот на своите жители.
Во паркот покрај булеварот „Февруарски поход“ почна изградбата на ново современо детско игралиште, кое е едно од вкупно десетте нови што ќе бидат изградени на различни локации во Општината.
Од Општината информираат дека новото игралиште ќе биде опремено со современи и безбедни реквизити, ќе има подлога од вештачка трева, како и целосно уреден простор што ќе овозможи безбедна и квалитетна игра за најмладите, но и пријатен престој за нивните родители и семејства.
– Како дополнителна придобивка, на оваа локација првпат ќе биде поставен и систем за наводнување, со што ќе се овозможи континуирано одржување и зачувување на зеленилото во паркот – потенцираат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека изградбата на новото детско игралиште е дел од определбата на Општината секоја населба да добие современи, безбедни и функционални јавни простори, со акцент на содржините наменети за децата.












