четврток, август 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА УЧИЛИШТАТА ЌЕ ГО ДОЧЕКААТ СЕПТЕМВРИ СО 3.000 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ: Белата чума урива...

УЧИЛИШТАТА ЌЕ ГО ДОЧЕКААТ СЕПТЕМВРИ СО 3.000 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ: Белата чума урива историски рекорди во Македонија, ќе заѕвони ли ѕвончето за тревога?! 

Министерката за образование, Весна Јаневска, денеска изјави дека ни претстои драстично намалување на запишани првоодделенци во основните училишта. – Бројот во основните училишта е значително намален и во овој момент се движи околу 4.900 првачиња помалку од лани. Ќе се допишуваат во овој период бидејќи дел од нив сè уште не се пријавени. Но, колку и да се запишат, уште две илјади да се запишат, ќе бидеме најмалку со 3.000 првачиња помалку. Бројот може да опадне, но е страшно голем во однос на демографијата. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја – изјави министерката за образование. Доколку се оствари прогнозата на министерката за образование, тоа ќе значи дека во учебната 2026/2027  година во Македонија ќе има само околу 15.000 првоодделенци. Тоа ќе биде историски најмал број

1

Шокантно и најголемо во историјата на земјава намалување на бројот на запишани првачиња во основните училишта најави денеска македонската министерка за образование, Весна Јаневска. За најмалку 3.000 првачиња ќе биде помал бројот на нови првоодделенци што ќе го почнат своето образование во претстојната учебна година, која ќе почне во септември. Тоа е најголемо и најдрастично намалување на бројот на нови првачиња, процес што е интензивиран во последнава деценија. Ако, гледано во просек, годишното намалување изнесувало по околу 500 до 1.00 деца, сега очекуваното намалување е за трипати поголемо.

– Се намалува бројот на ученици во средните и во основните училишта. Оваа година, бројот на ученици во средните училишта е намален, но не драстично. Тука го имаме и третиот уписен рок, во август. Но, бројот во основните училишта е значително намален и во овој момент се движи околу 4.900 првачиња помалку од лани. Ќе се допишуваат во овој период бидејќи дел од нив сè уште не се пријавени. Но, колку и да се запишат, уште две илјади да се запишат, ќе бидеме најмалку со 3.000 првачиња помалку. Бројот може да опадне, но е страшно голем во однос на демографијата. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја – изјави денеска Јаневска.

Таа се обрати на прес-конференцијата во МОН на која беа соопштени резултатите од полагањето на државната матура, при што особено потенцираше дека е загрижувачка состојбата со намалување на бројот на ученици во основното образование. Јаневска додаде дека, како Влада и МОН, постојано прават напори за подобрување на условите во образованието.

– Како Влада, како премиер Христијан Мицкоски, постојано велиме дека тоа е загрижувачки елемент на кој треба да му се обрне соодветно внимание. И ние, како МОН, правиме разни приспособувања, да им го олесниме учењето на учениците, да ги подобриме условите со доградба на училиштата, на студентските домови, со модернизација на програмите, за да ги задржиме младите во земјава – потенцираше министерката Јаневска.

Доколку се оствари прогнозата на министерката за образование, тоа ќе значи дека во учебната 2026/2027 година во Македонија ќе има само околу 15.000 првоодделенци. Тоа ќе биде историски најмал број. Во минатата 2025/2026 учебна година, бројот на ученици што првпат влегле во училиште изнесувал 17.921, што е за 1.531 првоодделенец помалку отколку пред две години, кога имало 19.452 деца помалку. Најмногу првачиња биле запишани пред десетина години, кога во учебната 2016/2017 година имало 23.266 првоодделенци. Тоа значи дека само од тој период, па до претстојниот септември, ќе се намали бројот на првачиња за фрапантни осум илјади!?

Во јули годинава, при одговорот на едно пратеничко прашање во македонското Собрание, Јаневска изнесе податок дека во периодот до 2016 до 2024 година, бројот на ученици во образованието бил намален за цели 17 илјади. Таа тогаш најави и оптимизација на училишната мрежа, но и кажа дека ниту еден наставник нема да остане без работа поради тоа.

Намалувањето на бројот на ученици во земјава има долгогодишен тренд, кој најмногу се должи на намалениот наталитет и на иселувањето на младите луѓе од земјава. Државниот завод за статистика неодамна соопшти дека само во првите три месеци од годинава бројот на жители во земјава бил намален за цели 1.962 лица, како резултат на поголемиот број умирачки отколку на раѓање.

– Во првото тримесечје, природниот прираст е негативен и изнесува 1.962, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородени деца од бројот на умрени лица. Во овој период, бројот на живородени деца изнесува 3.380 и е за 4,1 процент помал во споредба со истиот период лани. Бројот на умрени лица во првото тримесечје, пак, изнесува 5.342 лица, а од нив 9 се умрени доенчиња. Прирастот е негативен во дури 66 општини во земјава – се наведува во статистичките податоци.

Според податоците што ги објави весникот ВЕЧЕР тогаш, од вкупно 80 општини во земјава, само во нив 14 имало поголем број новороденчиња отколку умрени лица. Ова е ново влошување на демографското движење на нивните подрачја, бидејќи минатата година бил забележан негативен прираст во 18 општини. Податоците на Државниот завод за статистика, како за лани така и за 2024 и 2023 година, покажуваат дека најзагрозени се општините Битола, Прилеп, Охрид, Кисела Вода, Штип, Велес, Кочани, Куманово, Свети Николе, Радовиш, Делчево, Кавадарци… Инаку, статистичките податоци покажуваат дека во земјава, во минатата 2025 година, вкупното население се намалило за 4.381 лице, како резултат на фактот што во породилиштата во земјава дошле на свет рекордно мал број бебиња – само 15.531, а имало 19.921 умрено лице. Со негативниот тренд забележан во првото тримесечје, оправдани стануваат стравувањата дека на крајот од оваа години населението пак може да се намали за повеќе од 4.000 жители. Практично, и годинава може да „исчезне“ цел еден град во земјава со големина, на пример, на општините Демир Капија, Карбинци или, пак, на Општина Зелениково. Податоците на „Евростат“ што се однесуваат на европските земји вчера открија дека вкупното население во Македонија во последните три години се намалило за цели 14.500 луѓе, односно како да ја снемало струмичката општина Босилево. Така, ако во 2022 година во земјава имало 1.837.114 жители, во 2025 година се 1.822.612!  (Б. Ѓ.)

 

Просечната оценка од полагањето матура е 3,66, дел од есеите ги пишувала вештачката интелигенција

Јаневска информира дека просечниот успех што е постигнат на полагањето на државната матура е 3,66.

– Многу сме задоволни со ваквиот успех. Тој е на ниво на минатогодишниот просек, кој изнесуваше 3,69 проценти и подобар од прекланскиот, кој беше 3,26. Познато е, годинава матурата се полагаше по нов модел со кој сите ученици ги направивме рамноправни при полагањето, со тоа што одговараа на прашања што се однесуваа на материјалот што го изучуваа во претходните години. Подобрувањето се должи како на целиот систем така и на односот на учениците и на тестаторите – нагласи Јаневска.

Просечната оценка за државната матура е 3,62, за стручната 3,91 и за уметничката 3,59. За полагање биле пријавени повеќе од 14.500 ученици што завршиле средно образование, а на полагањето не дошле 348 пријавени или 2,39 отсто.

Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска, рече дека на 226 ученици им е поништен тестот и тие ќе полагаат повторно во август. На дел од учениците им е поништен тестот, затоа што некои од нив во текот на самиот испит биле забележани од страна на тестаторите и на набљудувачите како препишуваат или користат недозволени електронски средства.

– Оценувачите внимателно го прегледуваат секој тест и при оценувањето е забележано, особено во делот кај есеите, дека се појавуваат исти текстови. Кога ќе се појави ист текст, веднаш нè наведува дека или си помагале еден на друг или се снашле, користеле вештачка интелигенција. Така што и тоа е санкционирано. Ние знаеме дека децата имаат по два, по три телефони, еден оставаат, другиот останува кај нив. Меѓутоа, сето тоа лесно се открива потоа. Затоа сакам да знаат сите дека не може да се користат на тој начин. Подобро пет реда да напишат со тоа што го знаат и го размислуваат – додаде Јовчевска-Михајловска.

 

Дефицитарни математичари, физичари, географи, вишок правници, педагози, луѓе во јавната администрација…

Министерката за образование рече дека на пазарот на трудот, во сферата на образованието, има различни тенденции.

– Дефицитарни професии се математиката, физиката, а станува проблем и географијата. Во одредени делови од земјава станува проблем и македонскиот јазик и ние тие деца ги стимулираме со поголеми стипендии во однос на другите. Пазарот на трудот е одлично покриен со кадри од информатиката, електротехниката, машинството… кои се 90- процентно вработени. Имаме недостиг на работни места за дел од кадрите што завршиле општествените науки, додека економијата е одлучно покриена со речиси целосна вработеност. Правото е малку послабо, а веќе станува проблем со дел од педагошките, со јавната администрација, политичките и разни типови науки. Тука веќе вработливоста секоја година опаѓа – рече Јаневска.

ИЗДВОЕНИ