Чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека Чешка ѝ продала на Србија шест авиони за обука и борбени дејства од типот „L-39 Skyfox“, но сепак, од Белград нема официјална потврда за оваа набавка.
Говорејќи на конференцијата „Прашки безбедносен дијалог“ во Прага, Бабиш истакна дека авионите можат да се користат за обука на воени пилоти, како и за противдејство против беспилотни летала.
„Aero Vodochody“, производителот на авионите, потврди дека до Србија била доставена понуда, но не го потврди потпишувањето на договор, ниту пак ја откри цената. Досега, ниту Министерството за одбрана, ниту Војската на Србија не ја коментираа оваа набавка.
Според чешкиот воен портал Armádní noviny, „Skyfox“ е наменет да ги замени застарените авиони за обука и борбени дејства „G-4 Super Galeb“ што ги поседува Војската на Србија. Оваа набавка би била значајна и за обука на пилотите кои во иднина ќе управуваат со борбените авиони „Rafale“ од француско производство – набавка за која Србија претходно веќе постигна договор.
„L-39 Skyfox“ – претходно познат како „L-39NG“ – претставува нова генерација на авиони за обука од серијата „Albatros“, а покрај за обука, тој може да се користи и за борбени мисии, вклучително и за пресретнување на беспилотни летала.
Вредноста на евентуалниот договор, роковите за испорака и деталите во врска со дополнителната опрема засега остануваат непознати.












