Американскиот државен секретар Марко Рубио се соочува со притисок во врска со потенцијално заминување од својата функција по поразот на републиканците на среднорочните избори, а неговите сојузници очекуваат дека тој би можел да ја напушти администрацијата за да се подготви за претседателска кандидатура во 2028 година, објави британскиот весник The Independent.
„Има сосема смисла тој да поднесе оставка и да ја напушти администрацијата“, изјави еден од сојузниците на Рубио за весникот, истакнувајќи дека врвниот американски дипломат не може ефикасно да води национална изборна кампања додека е на таква функција.
Извори запознаени со ситуацијата посочија дека Рубио, исто така, сака да го дистанцира својот политички имиџ од војната во Иран, оставајќи ја одговорноста за тој конфликт на американскиот претседател Доналд Трамп. Тие посочија дека, и покрај неговите законски овластувања за надворешна политика, Рубио одиграл помалку истакната улога во воените операции.
Во меѓувреме, републикански извори посочија дека дури пет члена на кабинетот на Трамп би можеле да се подготвуваат да се повлечат пред новоизбраниот Конгрес – во кој демократите ќе имаат мнозинство – да се состане во јануари. Со тоа, наводно, тие би се обиделе да избегнат истраги од страна на конгресните комисии и потенцијални напори за импичмент.
Администрацијата брзо ги отфрли овие тврдења. Портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингл, ги опиша како неосновани, лажни теории на заговор, нагласувајќи дека Трамп составил обединет тим фокусиран на неговата агенда „Америка на прво место“. Помошникот државен секретар Дилан Џонсон, исто така, го отфрли извештајот, нарекувајќи го целосно неосновани лажни вести засновани на измислени анонимни извори.












