Иницијативата за поставување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад ја вознемири грчката заедница во Србија и отвори дебата за симболиката на проектот. Предлогот на Македонскиот национален совет во Србија е да биде поставен споменикот по повод 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, како траен белег на нивните присуство, традиција и културно наследство. Идејното решение предвидува бронзена фигура на жена во традиционална македонска носија, со две деца, а според Македонскиот совет, ликот на „Мајка Македонија“ претставува симбол на татковината, потеклото и на историското сеќавање на македонскиот народ, без политички или територијални претензии.
Но, токму името и симболиката на споменикот предизвикаа реакции кај грчката заедница во Србија. Грчката партија и Грчкиот национален совет оценуваат дека употребата на називот „Мајка Македонија“ во јавен простор отвора прашања поврзани со историското и културното наследство, кое тие го поврзуваат и со грчката историја.
Од Македонскиот национален совет возвраќаат дека иницијативата за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, Србија, нема никаква политичка, територијална, ниту меѓународна конотација, дека станува збор за културен симбол на една заедница и дека препознавањето на Македонците во овој симбол не значи негирање на правото на другите народи да го почитуваат и толкуваат заедничкото историско наследство. Според нив, споменикот треба да биде симбол на сеќавањето и мост за дијалог, а не причина за поделби.
– За Македонците во светот, без оглед на тоа во која држава живеат денес, овој симбол претставува сеќавање на корените, традицијата и на културното наследство. Поистоветувањето на Македонците со овој симбол на никаков начин не значи оспорување на правото на кој било друг народ да се поистоветува со истото историско или културно наследство. Напротив, споменикот уште од самиот почеток е замислен како инклузивен, а не ексклузивен симбол. Доколку и припадниците на грчкиот народ се препознаваат во дел од историското и културното наследство што го симболизира овој споменик, не гледаме никаква пречка во тоа. Културните симболи не мора да ги разделуваат народите – тие можат и треба да бидат мостови на меѓусебно почитување, разбирање и дијалог – се наведува во соопштението.
Се додава дека Македонскиот национален совет останува отворен за дијалог со сите добронамерни соговорници.
– Веруваме дека јавноста ќе препознае дека иницијативата за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ е исклучиво чин на почит кон предците, зачувување на културниот идентитет, одбележување значаен јубилеј, како и траен симбол на македонската заедница во Република Србија – се нагласува во соопштението.
Иницијативата ја поднесе Националниот совет на македонското национално малцинство по повод 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина. Советот за култура и информирање на Собранието на Нови Сад на 3 август ја разгледа иницијативата и одлучи да побара стручни мислења од ЈП „Урбанизам“ и од градскиот Завод за заштита на спомениците на културата. Идејното решение предвидува бронзена скулптура на жена во традиционална македонска носија, со две деца. Скулптурата би била висока два метри и поставена на постамент од околу 40 сантиметри, а автор на решението е вајарот Синиша Новески. Конечната одлука за иницијативата ќе биде донесена откако Советот за култура и информирање ќе ги добие мислењата од надлежните урбанистички и конзерваторски институции.
Грчката партија го оспорува и предложеното име на споменикот. Според неа, употребата на називот „Мајка Македонија“ на јавен простор во Србија претставува историски и географски ревизионизам и присвојување на име што партијата го поврзува со грчкото историско наследство. Од партијата оценија и дека поставувањето на споменикот во Нови Сад, град што го носи епитетот српска Атина, би било директна провокација кон Грција и грчкиот народ. Граѓанската партија на Грците потсети и на тоа дека Грција не ја признава независноста на Косово и ја поддржува територијалната целост на Србија, додека Македонија ја призна независноста на Косово.
Има реакции и во Бугарија, каде што иницијативата се толкува како дел од поширокото српско влијание на Балканот, пишува „Актуелно“. Во бугарските реакции се посочува дека традиционалната носија претставена на скулптурата е поврзана со фолклорното наследство на историско-географската област Македонија, поради што споменикот се оценува како провокација кон бугарската историска меморија. Особено внимание предизвикува симболиката на двете деца – едното свртено кон Србија, а другото кон Северна Македонија. Во бугарските оцени ова се толкува како порака за српско влијание во Северна Македонија и како дел од концептот за т.н. српски свет. (Б. Ѓ.)












