петок, септември 25, 2026
Дома СВЕТ Училишни штрајкови низ Германија во знак на протест против можното повторно воведување...

Училишни штрајкови низ Германија во знак на протест против можното повторно воведување на задолжителна воена служба

0

Низ Германија се организираат училишни штрајкови како протест против можното повторно воведување на задолжителна воена служба, пренесува „Би-би-си“.

Бела Брајтнер, еден од организаторите на протестот од групата „Училишен штрајк против задолжителната воена служба“, изјави дека сојузната влада сериозно размислува за постепено повторно воведување на задолжителна воена служба.

На протестот во Хамбург, демонстрантите вееја знамиња и носеа транспаренти со натпис „нема да учествуваме во вашите војни“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го постави зајакнувањето на германската војска како приоритет по почетокот на руската инвазија врз Украина.

Во јануари стапи на сила нов закон со кој се воведува доброволна воена служба, со цел да се регрутираат доброволци за зголемување на бројноста на војниците, пренесува „Би-би-си“.

Сепак, доколку безбедносната ситуација се влоши или се пријават премалку доброволци, германскиот парламент – Бундестагот – би можел да разгледа одредена форма на задолжителна воена служба. Според новиот закон, на сите 18-годишници во Германија им се испраќа прашалник во кој се прашува дали се заинтересирани и подготвени да се приклучат кон вооружените сили.

Еден од демонстрантите, 16-годишниот Елијас Бернхард од Хамбург, изјави дека одговорите на прашалникот „покажуваат оти младите не сакаат да се приклучат кон Бундесверот (германската војска)“. Тој додаде дека токму затоа денес излегол на улиците и дека демонстрантите се сериозни во намерата да продолжат со протестите сè додека задолжителната воена служба не се тргне од дневниот ред.

Прашалникот е задолжителен за мажите, а доброволен за жените; сите мажи на возраст од 18 години ќе мора да поминат лекарски преглед за да се процени нивната способност за евентуална воена служба.

Организаторите на протестите велат дека низ Германија се планирани повеќе од 100 протести, вклучително и во Кил, Хамбург, Берлин и Франкфурт. Портпарол на Министерството за одбрана изјави за „Би-би-си“ дека, според законот, сите мажи родени по 31 декември 2007 година се должни да поминат низ лекарски преглед. Ова важи дури и за оние што изјавиле дека не се заинтересирани за задолжителна воена служба. Портпаролот истакна дека од јули наваму, околу 1.000 осумнаесетгодишници кои не покажале интерес за војската, веќе го поминале овој лекарски преглед.

За време на Студената војна, Германија – како и многу европски земји – одржувала голема војска, но ги намалила своите вооружени сили во 1990-тите години, по падот на Железната завеса. Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја укина задолжителната воена служба во 2011 година, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ