Дваесет и четиригодишниот напаѓач, кој во саботата уби шест лица во Краков, почина во болница од повредите здобиени за време на размена на оган со полицијата, објави Ројтерс, повикувајќи се на полициски извори.
Младиот човек, полски државјанин, бил прогласен за мртов во понеделникот во 4:30 часот наутро. Тој бил хоспитализиран од саботата, а неговата состојба била критична.
Лекарите се обиделе да му го спасат животот, при што тој бил опериран најмалку три пати додека престојувал во болницата.
„Уште од самиот почеток, неговата состојба беше многу сериозна – критична. Се водеше постојана борба за спасување на животот на овој човек, и покрај злото што го стори. Тој беше подложен на најмалку три операции“, се наведува во соопштението.
Нападот се случил во саботата попладне во близина на Главниот плоштад во Краков, во историскиот центар на градот – популарна туристичка дестинација.
Вооружениот напаѓач отворил оган врз цивили, по што бил ранет во размена на оган со полициски службеници и пренесен во болница.
При последователниот претрес на неговиот дом, полицијата пронашла уште три тела. Полското обвинителство покрена истрага за пукањето, третирајќи го случајот како можен терористички чин.
По трагедијата, во Полска е прогласена дводневна национална жалост.












