Додека САД и Иран се приближуваат кон договор за прекин на конфликтот што започна пред повеќе од три месеци, јасно е дека некои фракции во Иран не се задоволни од она што се нуди. Тврдокорните во владата остро ги критикуваа наводните детали од „меморандумот за разбирање“ преку државните медиуми, а на некои митинзи се слушаа скандирања против преговарачите.
И покрај овие несогласувања, иранското раководство веројатно ќе го има последниот збор, пренесува СиЕнЕн.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, навести дека меморандумот би можел да биде потпишан на 14 јуни, на неговиот 80-ти роденден. Сепак, од Техеран нема потврда дека е договорен конечниот текст на договорот.
Голем дел од опозицијата што се појавува во Иран доаѓа од маргинална фракција позната како Џебхе-је Пајдари, или Фронт на упорност, чии членови се сметаат за чувари на вредностите на револуцијата од 1979 година.
Во текот на изминатите неколку месеци, иранските претставници внимателно ги балансираа преговорите со претседателот Трамп, а истовремено се обидоа да ги смират различните политички фракции во земјата.
Вклучувањето на членови на фракцијата во разговорите со американските преговарачи во Пакистан во април сугерираше дека Техеран се обидува да демонстрира внатрешно единство и политичка кохезија.
Сепак, тврдокорната група ги мобилизираше своите членови и медиуми за да ги интензивира своите критики кон договорот, вршејќи дополнителен притисок врз иранските преговарачи кои се обидуваат да изнудат отстапки од американската администрација.
Еден од водечките тврдокорни на групата, Махмуд Набавијан, рече дека ако Иран го потпише договорот, тој „виртуелно ќе стане колонија на Соединетите Американски Држави“.
Тој додаде дека договорот ќе го отвори стратешки важниот Ормуски теснец „дури и за Израел“.
„Ако сакавме да спроведеме дури и најмало ниво на збогатување на ураниум, прво ќе треба да добиеме дозвола од Соединетите Американски Држави – дури и за цели како што се производство на лекови или електрична енергија“, додаде Набавијан, кој самиот некогаш беше член на преговарачкиот тим.
Според него, договорот значително би ја ограничил контролата на Иран врз сопствената нуклеарна програма и би му дал на Вашингтон последен збор дури и во активностите што Техеран ги смета за мирнодопски и цивилни.
Исто така, не е јасно кога Иран би можел да добие пристап до ослободување на своите замрзнати средства во странство или ублажување на санкциите, додаде тој.
„Колку повеќе сигнали за слабост испраќаме, толку сме поблиску до војна“, рече Набавијан во телевизиско интервју за време на кое прочита од наводниот документ на договорот.
Целиот текст на договорот не е официјално објавен, истакнува СиЕнЕн.
Тврдокорните дури и мобилизираа протести против каков било договор, организирајќи голем митинг пред Министерството за надворешни работи вчера, насочен кон највисокиот дипломат на Иран, Абас Арагчи, во отворен пркос на повиците за единство.
Учесниците на митингот во Техеран во саботата побараа оставка од Арагчи и главниот преговарач на Иран, Мохамед Багер Галибаф, според видеа објавени на социјалните медиуми.
Тие се потсетија на атентатот врз врховниот лидер Али Хамнеи, скандирајќи: „Галибаф, Арагчи – што е со крвта на мојот лидер?“
Али Рабиеи, функционер близок до претседателот Масуд Пезешкијан, реагираше вчера и предупреди против создавање „вештачки наратив“.
Иранските медиуми, исто така, предупредија дека несогласувањето не смее да ескалира во поделби во општеството.
Спротивно на често присутната нарација, во Иран постои посебен и жив политички дискурс, наведува СиЕнЕн. На различни фракции, кои претставуваат низа ставови и имаат свои медиумски платформи, им е дозволено да дејствуваат во рамките на структурите на државата – сè додека не ги доведуваат во прашање фундаменталните елементи на Исламската Република, особено улогата на врховниот лидер.
Исто како што има гласови во САД и Израел кои се противат на каков било договор со Техеран, постојат и дисидентски фракции во Иран. Иако не се спротивставуваат директно на врховниот лидер, овие струи сега одат дотаму што тврдат дека дури и Моџтаба Хамнеи наводно бил доведен во заблуда да го одобри договорот.












