На околу 1.500 хектари во Прилепско и Долненско се пријавени штети од силното невреме. Тутунот е меѓу најпогодените култури, а на одделни места родот е целосно уништен. Тешко настрада и пиперката ајварка во Големо Коњари, каде што првичните процени се дека штетите се стопроцентни. Досега повеќе од 50 земјоделци ги пријавиле штетите, а комисијата веќе е на терен и ги проценува последиците. Земјоделците бараат и промени во осигурувањето на родот, односно враќање на стариот принцип на осигурување

 

Земјоделците од Прилепско и Долненско ги пријавуваат штетите од силното  невреме што на 24 август зафати делови од Пелагонија. На удар најмногу се тутунот, пиперката и пченката, а на некои ниви родот е целосно уништен. Вкупно се зафатени околу 1.500 хектари на територијата на општините Прилеп и Долнени. Комисијата за процена на штетите веќе е на терен, а земјоделците имаат рок до 1 септември да ги пријават претрпените штети.

Досега се поднесени повеќе од 50 барања за процена. Според првичните согледувања од теренот, штетите се движат од 50 до 100 проценти, зависно од местото. Најмногу настрада тутунот во Долненско, додека пиперката ајварка е тешко погодена во прилепскиот атар на Големо Коњари.

– Станува збор за површина од околу 1.500 хектари на територијата на општините Долнени и Прилеп. Најголем дел од штетите се на површините со тутун, потоа со пиперка и со пченка. Првичните процени од теренот укажуваат дека средината од втората, третата и четвртата берба од тутунот се во целост уништени, зависно од регионот – вели Николче Карапеески, претседател на Комисијата за утврдување штети во земјоделството и раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп.

Комисијата, додава тој, ќе продолжи со процените на терен, по што ќе биде изготвен елаборат и доставен до локалната самоуправа. Општинскиот совет треба да го усвои елаборатот и да го достави до Владата, која потоа го утврдува обесштетувањето. Штетите кај тутунот, според Карапеески, се особено сериозни затоа што се погодени бербите што се сметаат за најквалитетни.

– Ова се сериозни штети. Зафатени се бербите на тутунот кои се најквалитетни. Тоа за земјоделците значи преполовено производство и преполовен приход од родот – вели Карапеески.

Од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија велат дека на одделни места штетите се движат од 50 до 100 проценти. Особено е тешка состојбата со пиперката ајварка во Големо Коњари, каде што, според првичните процени, родот е уништен целосно.

– Во атарот на Големо Коњари пиперката ајварка е уништена сто проценти. Тутунот најголеми оштетувања има во атарите на долненските села Дебреште, Ропотово, Новоселани, Заполжани и Мажучиште, а во Прилепско во атарот на Големо Коњари. Таму првичните процени укажуваат на стопроцентно уништување на родот на тутунот – вели Кире Ристески, претседател на Сојузот.

Според него, невремето ќе се одрази и врз вкупниот тутунски род. Наместо планираните околу 30.000 тони, процените сега се дека ќе бидат произведени меѓу 25.000 и 26.000 тони тутун.

Покрај штетите, земјоделците повторно го отвораат и прашањето за осигурувањето на родот. Велат дека условите што ги нудат осигурителните компании не им се исплатливи, иако државата покрива 60 проценти од трошокот за осигурителната полиса. Во Прилепско, според податоците од Сојузот, има само околу 100 барања за осигурување на родот, што, како што велат, е премалку.

Земјоделците бараат да се врати поранешниот начин на осигурување – полисата да се склучува уште при склучувањето на договорот за производство на тутун. Од Сојузот предлагаат и државата да постави услов за осигурителните компании: за да добијат лиценца за работа, да мора да осигурат најмалку пет проценти од земјоделските површини.

– Осигурителните компании, на некој начин, ги изигруваат земјоделците. Како Сојуз правиме напори да го вратиме стариот начин на осигурување. Односно, при самото склучување на договорот за производството на тутун, да се склучи и полиса за осигурување – вели Ристески.

Според него, тоа може да се регулира со услов осигурителните компании, доколку сакаат да добијат лиценца, да мора да осигурат одреден дел од земјоделските површини.

– Ако компанијата сака да добие лиценца за осигурување, треба да осигури пет проценти од површините со посеви. Во спротивност, да не ја добијат лиценцата. Тоа е најчесниот начин да ги натераме осигурителните компании да го осигуруваат земјоделскиот род – додава Ристески.

ИЗДВОЕНИ