среда, октомври 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Двокатен автобус на ЈСП се запали на видиковецот на Водно

Двокатен автобус на ЈСП се запали на видиковецот на Водно

222

Двокатен автобус број „25“ на ЈСП „Скопје“ денеска претпладне се запали на Водно кај видиковецот. За среќа, со брза интервенција на пожарникарите кои со две противпожарни возила дејствуваа, беше изгасен. Според информациите од надлежните, во пожарот немало повредени лица. Автобусот е изгорен во горниот дел, а се уште не се познати причините за избувнувањето на огнот.

Густиот црн чад кој се гледаше од далеку и тешка миризба на изгорена внатрешност и пластика ги вознемири посетителите на Средно Водно кои во голем број неделното утро го поминуваа на планината. Дел од нив во паника веднаш си заминаа, откако еден од домакините во црквата им сугерираше да се евакуираат.

Информацијата за запалениот автобус ја потврди директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов кој рече дека благодарение на брзата интервенција на пожарникарите било спречено и неговото проширување на блиската вегетација

Од ЈСП изјавија дека автобусот се запалил веднаш штом ги оставил патниците и тргнал надолу од Средно Водно, по што возачот го оддалечил автобусот од шумата за огнот не се прошири на околното подрачје.

-Во мигови кога секоја секунда е драгоцена, возачот реагирал брзо, присебно и одговорно. Веднаш ги презел сите неопходни мерки и со својата навремена реакција спречил многу посериозни последици, поголема материјална штета и проширување на огнот кон околниот простор. Изразуваме искрена благодарност до возачот за покажаната храброст, смиреност и професионалност. Безбедноста на патниците е и секогаш ќе биде наш највисок приоритет. Ја информираме јавноста и дека пожарот не ја зафатил парк-шумата „Водно“ и дека е спречена опасноста од негово ширење. Надлежните служби веќе ги спроведуваат сите неопходни проверки. Ќе биде утврдена точната причина за пожарот, а јавноста навремено и целосно ќе биде информирана – соопшти ова градско претпријатие.

Командирот на Бригадата за противпожарна заштита (ППЗ) на Град Скопје Ѕвонко Томевски изјави дека се интервенирало со две возила и дека пожарот е успешно изгаснат.

 

ИЗДВОЕНИ