понеделник, август 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НАМАЛЕНОТО РАЃАЊЕ И ИСЕЛУВАЊЕТО ОД ЗЕМЈАВА ГО ЗЕМААТ ДАНОКОТ: Аларм за првачињата,...

НАМАЛЕНОТО РАЃАЊЕ И ИСЕЛУВАЊЕТО ОД ЗЕМЈАВА ГО ЗЕМААТ ДАНОКОТ: Аларм за првачињата, паника за наталитетот  

Утрешниот почеток на новата учебна година ќе биде и ново сериозно предупредување за долгогодишните процеси на намалување на бројот на новороденчињата и на зголеменото иселување од земјата, а што резултира со затворање училишта, укинување паралелки... Во текот на последните седум години се случуваат најнеповолни резултати бидејќи населението во Македонија се намалило за вкупно 33.642 лица, при што излегува дека во секој квартал, односно, на секои три месеци, во Македонија сме имале просечно по 1.200 граѓани помалку

66

Утре, кога училишните ѕвончиња ќе го означат почеток на новата учебна година, тоа ќе биде многу повеќе сигнал за тревога отколку за радоста, која, по традиција, ја носи првиот септемвриски ден. Причината е веќе позната и ја објавија образовните власти: околу 3.000 училишни клупи наменети за првачињата ќе останат празни, ќе се затворат 26 рурални основни училишта бидејќи во тамошните села веќе нема ученици, а веќе нема да постојат ниту 200 паралелки во основното и 100 во средното образование. Македонското образование досега не доживеало вакво шокантно намалување. Но, тоа е само последица на сите оние лоши трендови што ни се случуваат во земјава наназад повеќе години и кои се сублимирани во галопирачкото намалување на населението во земјава и иселувањето од неа. Се чини, последните седум години, кога во 2019 година статистиката првпат забележа дека во земјава имало помалку новороденчиња отколку умирачки, се повод за вистинска паника околу тоа што да се очекува во иднината.

За жал, лошите трендови – како кај опаѓањето на бројот на новозапишаните првачиња, така и кај наталитетот и иселувањето, никако да запрат туку продолжуваат. Уште се чекаат некакви мерки со кои ова би се запрело, иако – со оглед на искуствата на други поразвиени земји – е прашање дали некакви потези и стимулации воопшто и ќе можат да помогнат. Иднината е, најблаго кажано, целосно песимистичка.

И годинава намалувањето на населението ќе биде повеќе од 4.000 лица

Кога министерката за образование, Весна Јаневска, неодамна објави дека неколку дена пред почетокот на учебната година се запишани само околу 14.500 првачињата, а што е повеќе од 3.000 помалку од лани кога имало 17.921, веднаш исплива на површина една нелогичност. А таа е во фактот што во 2020 година биле родени 19.031 дете и беше логично да се очекува нивното седнување во училишните клупи. Но, излезе дека секое шесто дете не е запишано. Односно, дека најверојатно веќе не е тука, заедно со своите родители, а дека причината за тоа е иселувањето. Трендот на напуштањето на нашата земја со цел семејствата да си ја продолжат иднината во други земји како Словенија, Хрватска, Германија, Малта, Швајцарија, Италија, САД, Канада, Австралија… извесно, драматично се зголемува. Од статистичките процени кои за наша земја ги даваат Обединети нации може да се најде и објаснувањето дека само во 2019 година, нашата земја ја напуштиле 24.204 лица, во 2020 година – 23.458 лица, а последниве четири години, во просек по околу 6.000 лица годишно. Поточно, само во последните седум години, Македонија останала без околу 75.411 жители при што само мал дел од нив (по околу илјада годишно) уредно го пријавиле своето заминување и тоа е евидентирано во Државниот завод за статистика.

Но, последиците од засиленото иселување – процес кој е карактеристичен за Македонија со децении наназад и олицетворен во традицијата на печалбарството – би биле полесни доколку состојбата со наталитетот се подобри. За жал, токму овој последен седумгодишен период е најлошиот во нашата понова историја и опасноста дека нема да запре во блиска иднина. А тоа најдобро го покажуваат годишните и кварталните статистички податоци.

Минатата недела, Државниот завод за статистика соопшти загрижувачки податок кој се однесува на вториот квартал, од април до јуни годинава, и од кој се гледа дека само во тој период, населението во земјава се намалило за 1.005 лица. Тоа е резултат на фактот што во овој тримесечен период имало 3.684 новородени деца, но и 4.689 умрени лица во цела земја. Уште полош бил првиот тримесечен квартал од годинава, од јануари па до март, кога сме останале без 1.962 граѓани бидејќи тоа е разликата меѓу 3.380 родени деца и 5.342 починати граѓани. Вкупно гледано, само во првите шест месеци, населението во Македонија се намалило за 2.967 лица. А тоа е веќе алармантно и го нагласува мислењето дека и на крајот на оваа година, населението во земјава ќе се намали за повеќе од 4.000 лица!

Такво нешто потврдуваат и годишните податоци за намалувањето на населението од 2019 година, па сè до минатата година. Пред седум години, прват било забележано дека во земјава почесто сè одело на погреби отколку на честитање за новородено дете. Така, таа година населението се намалило за 687 лица оти имало 19.725 новороденчиња и 20.412 умрени. По ова, следуваат две години во кои значителното намалување на населението може да се должи на последиците на пандемијата со коронавирусот. Па, 2020 сме ја завршиле со минус од 6.186 жители, а 2021 година, кога беше пикот на пандемијата, со минус од 10.236 лица. Но, за жал, по тие две тешки години, состојбата со демографијата веќе не се поврати во позитивен тренд туку, напротив, секоја следна година намалувањето беше значително. Во 2022 година изнесуваше минус 4.604 лица, во 2023 – 3.042, во 2024 – минус 4.146 лица, а во ланската година, минус 4.381 лице. Или, поедноставно кажано, за седум последни години, населението во Македонија се намалило за вкупно 33.642 лица. Односно, малку повеќе од последниот попис на населението во цела кочанска општина каде што биле евидентирани 31.602 жители. Или, излегува дека во секој квартал, односно, на секои три месеци, во Македонија просечно сме имале 1.200 граѓани помалку.

Се чекаат стимулативни мерки

Според македонските демографски експерти, за падот на бројот на новороденчињата во демографска смисла се одговорни два главни фактори. Првиот е промената во бројноста на женското фертилно население, кое во демографска смисла ги вклучува сите жени на возраст од 15 од 49 години. Пописот од пред пет години покажа дека, споредено со пописот од 2002 година, за околу цели 80.000 се намалил бројот на жените кои се во периодот кога можат да раѓаат деца. А намалувањето, извесно, се должи на иселувањето од земјата. Освен ова, како фактори кои придонесуваат за помалиот наталитет се и одлуката да се раѓа во подоцнежни години, одлуките на семејствата да имаат само по едно, евентуално две деца и други.

Во изминативе години, различните владини гарнитури преземале најразлични мерки со цел да се стимулира поголем наталитет. Се даваа надоместоци за прво, второ, трето дете, се даваа најразлични олеснувања за млади брачни двојки, се интензивираше градењето на детските градинки… но, сепак, сè уште не е случен некој значителен пресврт. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски минатата година изјави дека поголем наталитет е патриотски чин.

– Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисокиот патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност. Многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава – тогаш семејството е одговорот на овој предизвик. Демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии – порача тогаш Мицкоски на настанот врзан за демографските трендови во земјава, нагласувајќи дека се создаваат услови за нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите.

Тој, пред повеќе месеци, најави дека од почеток на следната година ќе стартува една од мерките за стимулирање на наталитетот во земјава, а која опфаќа ослободување на мајките од данокот. Се работи за поврат на средствата на мајката што ќе роди прво дете во текот на една година, второ дете во текот на две години и трето дете сè додека највозрасното не стане полнолетно.

– Со оваа мерка ќе започнеме од почетокот на следната година. Веќе се подготвуваат овие политики. Демографијата е еден од нашите најзначајни приоритети. За некои 20-25 години од денеска ќе имаме сериозен бран проблеми со кои денеска се соочуваат голем дел од западноевропските земји. Потребно е да се стимулира брачната заедница, да се стимулираат повеќедетните семејства. Тоа е нашиот приоритет. Тоа е лична одлука на секој. Јас, како премиер, не можам да сугерирам, но формирање на семејството, на многудетното семејство, како Влада ќе го поддржиме тоа – најави тогаш Мицкоски.

Од Министерство за социјална политика, демографија и млади неодамна за ВЕЧЕР изјавија дека повеќе од една година работи на подготовка на стратешки документи за демографијата во соработка со УНФПА. Во тек е финализирањето на нацрт-стратегијата за демографска отпорност и Акцискиот план за нејзина имплементација.

– Станува збор за комплексни документи кои опфаќаат повеќе меѓусебно поврзани области и системи што имаат директно влијание врз демографските движења. Со цел да се обезбедат квалитетни, применливи и одржливи решенија, документите се во завршна фаза на подготовка и ќе бидат ставени на увид на сите засегнати страни, проследени со јавни консултации и дебати. На овој начин се обезбедува инклузивен и транспарентен процес, а нивното финализирање се очекува во најкус можен рок – ни изјавија од Министерството.

Неодамна, и Светиот синод на МПЦ-ОА донесе одлука за формирање посебен фонд од кој треба да се помагаат семејства со повеќе деца. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ