Пак ли ќе удри по џебот на народот, откако РКЕ денеска ќе ги утврдува новите цени на горивата? Бензинот веќе е над 90, а дизелот ја мина границата од 100 денари за литар. Ако нафтата на светските берзи продолжи да поскапува, можно е ударот да се почувствува и во продавниците, преку повисоки цени на храната. Од Владата велат дека состојбата се следи и дека нема да се дозволи неоправдано покачување на цените. А додека трговците бараат промени во правилата, граѓаните повторно стравуваат дека секое поскапување на горивото ќе значи и поскапување на секојдневниот живот

 

Нов удар за возачите е можен од почетокот на оваа недела. Регулаторната комисија за енергетика денеска повторно ќе носи одлука за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати, а со оглед на најавите за нов раст на цената на нафтата на светските берзи, повторно се отвора можноста за поскапување на горивата.

Последната одлука на РКЕ беше донесена на 24 август, а новите цени почнаа да се применуваат од 25 август. Тогаш бензините поскапеа за 1,50 денар по литар, додека дизелот поскапи за 3,50 денари. Во моментов, максималните малопродажни цени изнесуваат: еуросупер БС-95 – 93 денари за литар; еуросупер БС-98 – 95 денари за литар; еуродизел БС – 101,5 денари за литар.

Доколку денеска референтните цени покажат нов пораст, тоа би можело повторно да се одрази врз крајните цени на бензините и дизелот. Но, евентуалното поскапување на горивата не би се одразило само врз домашниот буџет на возачите. Повисоките трошоци за гориво значат и повисоки транспортни трошоци, што може да изврши дополнителен притисок врз цените на прехранбените и останатите производи.

Токму на ова предупредува и министерот за економија, Бесар Дурмиши. Тој вели дека доколку расте цената на нафтата на светските берзи, нормално е дел од тој раст да се почувствува и кај останатите цени, но додава дека засега инфлацијата е стабилна.

– Се најавува дека ќе има зголемување на цената на нафтата, но знаете дека во регионот имаме најевтина цена на нафтата, така да сега за сега стабилна е ситуацијата – вели Дурмиши.

Според него, институциите внимателно ја следат состојбата, а Државниот пазарен инспекторат врши контроли низ целиот синџир, со цел да се спречат неоправдани зголемувања на цените.

– Кога се зголемуваат цените на горивото, нормално дека се зголемуваат и  трошоците на прехранбените производи. Тоа е поврзано, не може да бегаме од тоа. Но, ние ќе гледаме според административните механизми што ги имаме, можностите, ќе интервенираме ако се зголемува бруто-профитната маржа – посочува министерот.

МН: Трговците бараат промени во законот за нефер трговски практики

Дурмиши вели дека засега трговците генерално ги почитуваат законските правила, но од нивна страна има барање повторно да им се овозможи да ги враќаат непродадените производи чиј рок на траење истекува.

Според трговците, актуелните правила создаваат дополнителни трошоци и загуби, бидејќи производите што не биле продадени остануваат кај нив, наместо да можат  да бидат вратени кај набавувачите. Министерот најави средба со трговците на која ќе се разгледа нивното барање, но пред евентуални промени ќе се проверува колкави се реалните загуби што ги имаат трговците поради непродадените производи.

Во меѓувреме тој најави дека ќе продолжат да ги следат трговските маржи и движењето на цените, особено доколку ново поскапување на горивата создаде дополнителен притисок врз прехранбениот сектор.

Иако инфлацијата во јули забави на 2,3 отсто на годишно ниво, дел од прехранбените производи и натаму бележат повисоки стапки на раст. Месото е поскапо за 6,6 %, млекото и јајцата за 4,4 %, маслото за 6,75 %, а водата за 3,2 %.

Дополнителен притисок би можел да дојде доколку горивата повторно поскапат.

Транспортот е директно поврзан со речиси целиот синџир на снабдување, па повисоката цена на дизелот може да значи и повисоки трошоци за производителите, дистрибутерите и трговците.

Во однос на потрошувачката кошничка, Дурмиши најави дека од септември продолжува работата на нејзиното конечно финализирање, по што ќе следува и повратна информација од институциите на Европската Унија за исполнувањето на преземените реформски обврски.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ