понеделник, август 31, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе ги полниме хотелите со странци, повеќе пари за туризмот и од...

Ќе ги полниме хотелите со странци, повеќе пари за туризмот и од коцкањето

1

Најавените туристички развојни зони, повисоките субвенции и издвојувањето на 4 проценти од приходите од игрите на среќа се три различни мерки на владата, но со иста цел – да се зголеми туристичката понуда и бројот на странски гости. Само во првите шест месеци годинава, земјава ја посетиле речиси 400 илјади странци

 

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека државата подготвува закон со кој ќе се уредат туристичките развојни зони. Идејата е на одредени места да се создадат услови за поголеми туристички инвестиции, а кој ќе ја плати инфраструктурата и експропријацијата ќе зависи од конкретниот проект – државата или инвеститорот што ќе побара да гради ваква зона.

Во исто време, Мицкоски најави и повеќе пари за привлекување странски туристи.

Планот е да се зголемат субвенциите за дојдовен туризам, но и да се одвојува поголем дел од приходите од игрите на среќа за развој на туризмот.

Годинава државата веќе има издвоено 150 милиони денари за субвенционирање на организираното доаѓање странски туристи. Но, овие пари не значат дека секој турист автоматски носи иста сума субвенција. Колку ќе добие организаторот зависи од тоа од која земја доаѓаат гостите, каков аранжман имаат и колку ноќевања ќе остварат.

А дека за странските гости има сериозен простор за раст покажуваат и бројките.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, од јануари до јуни годинава Македонија ја посетиле 518.035 туристи. Од нив, дури 396.633 биле странци. За шест месеци се регистрирани вкупно 965.852 ноќевања, при што странските гости оствариле 678.011.

Повеќе од три од секои четири туристи во првата половина од годинава биле странци. Само во јуни, пак, во земјава дошле 113.436 туристи, од кои 87.618 биле странци. На врвот убедливо се туристите од Турција, со 24.570 гости. Следуваат Србија со 8.522, Германија со 4.396 и Бугарија со 3.207 туристи.

Овие бројки покажуваат и каде веќе има најголем интерес за Македонија, но и каде државата би можела дополнително да ги насочува субвенциите за да привлече уште повеќе гости.

Покрај буџетските пари, туризмот треба да добие и нов извор на финансирање преку приходите од игрите на среќа. Со новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој стапи во сила во јули 2026 година, 4 проценти од предвидените приходи, односно давачки од игрите на среќа, се наменети за развој и унапредување на туризмот. Така, покрај парите што државата ги издвојува од Буџетот, во туризмот треба да влегуваат и дополнителни средства од овој извор.

Сепак, тука треба да се направи важна разлика. Речиси 400 илјади странски туристи во првите шест месеци не значи дека сите тие се опфатени со системот на субвенции. Државната помош се однесува на организиран туристички промет и се добива само доколку се исполнети условите од програмата. Затоа, 150-те милиони денари не можат едноставно да се поделат со бројот на сите странски туристи и да се каже дека толку изнесува субвенцијата по гостин. Реалната сума зависи од тоа каков туристички аранжман е реализиран и дали ги исполнува условите за државна поддршка.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ