Полскиот премиер Доналд Туск денес реагираше на објавата на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој напиша на социјалните мрежи дека „мирниот сон на граѓаните на Европската Унија е завршен“, предупредувајќи дека сите земји-членки на НАТО конечно треба да почнат сериозно да ги сфаќаат ваквите зборови.
„Полска, балтичките држави, а сега и Романија. Има сè повеќе руски провокации. Вчера, поранешниот руски претседател Медведев рече дека мирниот сон на граѓаните на ЕУ е завршен. Сите во НАТО конечно треба да почнат сериозно да ги сфаќаат ваквите факти и зборови“, рече Туск во објава на мрежата „Икс“.
Претходно, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, напиша на платформата „Икс“ дека граѓаните на ЕУ треба да разберат дека властите на нивните земји еднострано влегоа во војна со Русија.
„Затоа бидете внимателни и немојте да бидете изненадени од ништо“, напиша тој.
Како што објавува „РИА Новости“, Медведев претходно изјави дека лидерите на ЕУ се одговорни за смртта на руски цивили како резултат на напади, вклучувајќи го, како што рече, терористичкиот напад во Старобилск, објавува „Танјуг“.












