„Туркиш ерлајнс“ и официјално го стави Охрид како директна дестинација до која ќе лета од Истанбул. Од 27 март турскиот авиопревозник ќе има по четири летови неделно (понеделник, четврток, петок и недела) до македонскиот езерски бисер кој е многу популарна туристичка дестинација во Македонија и на Балканот.

Деталите за летот „Туркиш ерлајнс“ ги проследува со пригодни зборови за Охрид и неговите знаменитости. Превозникот претходно аплицираше за државни субвенции за стартување на услугата. Со финансиска поддршка од македонската Влада од Охрид ќе се лета и кон Базел, Швајцарија. Од скопскиот аеродром се воведуваат летови и кон Лион, Барселона, Штутгарт Дубаи, Париз, Женева и Истанбул.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски неодамна изјави дека линијата Истанбул-Охрид е многу атрактивна и за дијаспората во Европа, но и за  Австралија и за северноамериканскиот континент бидејќи веќе се продаваат авионски карти Торонто-Охрид или Њујорк -Охрид или Вашингтон -Охрид или Сиднеј -Охрид. Тој истакна дека исто така и линијата за Женева беше нешто што долго време ја бараше македонската дијаспора, поради што очекува позитивни ефекти од субвенционирањето на нови авиолинии.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ