Продолжи судењето против обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во големата судница на Кривичниот суд, сите очи на присутните беа вперени во големите телевизиски екрани на кои се гледаше движењето на „цитроенот“ на Жежовски како се движи пред и по киднапирањето на детето, на 27 ноември 2023 година, околу 7 часот и 30 минути. По само час и половина од грабнувањето, кога девојчето е веќе убиено, од снимка од камера, на приватна куќа кај Бразда, се гледа чад од запалениот „цитроен“, а рено кангуто кое цело време се движеше пред него, сега се враќа само.
Обвинителството презентираше снимки од безбедносните камери на неколку објекти во близина на зградата каде што живее семејството Ѓорчевски во Дебар Маало и од камерите на СЕЈФ СИТИ, кои го лоцираат „цитроенот“ како се движи кон Момин Поток, пат што води кон местото на злосторството. Првообвинетиот Љупчо Палевски неколкупати реагираше на снимките, а судијата Ивица Стефановски го предупредуваше дека доколку дофрла и го оневозможува презентирањето на доказите, ќе биде казнет.
Првите неколку снимки кои беа од хотелот во близина на зградата, на улицата „Наум Наумовски Борче“, се гледаше како цитроенот, со велешки регистарски таблички, пристигнува еден час пред грабнувањето на Вања, во 6 часот и 37 минути. Возилото врти кон десно, односно кон зградата на Ѓорчевски. За целото време додека се гледа цитроенот во Дебар Маало, не може да се идентификува кои лица се возат во него. Следните снимки кои ги објаснуваше обвинителката беа од козметичко студио и менувачница кои се наоѓаат во близина на зградата. Времето е 7 часот и 29 минути и според обвинението Вања е веќе киднапирана во влезот од нејзината зграда. И на овие снимки присутните можеа да го забележат „цитроенот“, сега сообраќајот беше поголем, а имаше и луѓе кои одеа на работа и деца кои излегуваа од зградите за во училиште. На други снимки кои обвинителството ги прибавило од камерите на СЕЈФ СИТИ, можеше да се види дека сивиот автомобил со велешки таблички во 7 часот и 33 минути се движи од булеварот Партизанска, па преку улицата „Рузвелтова“, се упатува кон Момин Поток, односно кон патот кој води до местото на злосторството кај Бразда. Во автомобилот можеше да се забележи дека се наоѓаат тројца, односно според истрагата, тоа се обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. Двајца од нив се напред, а еден мрда лево-десно на задното седиште. Според истрагата, девојчето се наоѓа во ѓепекот од возилото, врзано и со лента на устата.
Сликата од грозоморното убиство, преку снимките од траекторијата на „цитроенот“ и „рено кангуто“, веќе се заокружи кога двете возила ги регистрирала камерата на Пречистителната станица во Бразда. Часот е околу 9 ипол, девојчето е веќе убиено, а возилата се упатуваат на местото каде што подоцна е запален „цитроенот“ на Жежовски. На враќање „кангуто“ се враќа преку Чаир и Битпазар, до седиштето на партијата Десна, а обвинителката Јосифовска тврди дека со возилото управува Палевски, а до него седи Велибор Манев. Цело време „рено кангуто“ се движи прописно и се паркира во дворот на партијата. На ова приговараше адвокатот на Палевски, кој рече дека во возилото не се гледа дека е неговиот штитеник. Судскиот процес продолжува со презентирање на видеоснимки како докази на обвинителството. (П.А)