Македонскиот туризам во последниве години бележи позитивни движења, особено преку зголемениот број странски посетители и поголемата препознатливост на земјава на меѓународниот туристички пазар. Сепак, зад овие показатели остануваат и низата предизвици: пократок престој на туристите, пад на домашниот туризам, губење на дел од традиционалните пазари и потреба од поквалитетна туристичка понуда. За долгорочен развој на секторот, потребни се поголема конкурентност, подобра промоција, развој на нови туристички производи и поголема соработка меѓу институциите и приватниот сектор. Во интервјуто со д-р Љупчо Јаневски разговараме за состојбите, перспективите и за можностите за развој на целогодишен туризам и за привлекување посетители со поголема платежна моќ
Официјалната статистика покажува раст на македонскиот туризам, особено кај странските туристи. Дали е тоа доволен показател дека се движи секторот во добра насока?
Растот на бројот на туристи е позитивен сигнал и покажува дека Македонија постепено ја подобрува својата видливост на меѓународниот туристички пазар. Тоа е потврда дека земјава има потенцијал и дека постои интерес кај странските посетители. Сепак, треба подлабоко да се анализираат статистичките показатели. Самото зголемување на бројот на пристигнувања не ја покажува целосната состојба на секторот. Особено важно е што се намалува просечниот престој на странските туристи. Тоа значи дека иако имаме повеќе посетители, тие остануваат пократко, што директно влијае врз туристичката потрошувачка и врз економскиот ефект за локалните заедници.
Дополнителен предизвик е падот на домашниот туризам во последниов период. Домашните туристи се важен столб на стабилноста на секторот, особено надвор од главната сезона. Затоа е потребен балансиран пристап: развој на странските пазари, но и мерки за поттикнување на домашното патување. Успехот на туризмот не треба да се мери само според бројот на туристи туку и според должината на престојот, потрошувачката, задоволството на посетителите и придобивките што ги чувствуваат локалните економии.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочува македонскиот туризам денес?
Еден од најголемите проблеми е концентрацијата на туристичкиот промет на неколку дестинации, пред сè Охрид и Скопје. Иако овие места имаат огромен потенцијал, Македонија располага со многу други региони што сè уште не се доволно туристички валоризирани. Имаме природни убавини, културно наследство, вински региони, планини, рурални средини и гастрономски потенцијал, но тие не се доволно поврзани во препознатлив туристички производ. Дополнително, секторот се соочува со недостиг на квалификуван кадар, инфраструктурни ограничувања и со потреба за подобрување на квалитетот на услугите. Современиот турист повеќе не бара само атракција туку и целосно искуство – од пристапност и информации до услуга и автентичност на понудата.
Во последниве години се намалува бројот на туристи од традиционалните пазари како Холандија и Полска. Зошто се случува тоа?
Намалувањето на интересот од овие пазари не е случаен или краткорочен процес. Тоа е резултат на повеќе фактори што со години не биле системски адресирани. Полскиот пазар, на пример, долго време беше еден од најзначајните за организираниот туризам во Македонија. Денес се соочуваме со намалување на интересот затоа што туристите и туроператорите имаат многу поголем избор. Другите дестинации во регионот инвестираа во инфраструктурата, сместувачките капацитети, туристичките содржини и во агресивната промоција. Кога не инвестира континуирано една дестинација во својот производ и не одржува силно партнерство со туроператорите, тие природно ги насочуваат програмите кон пазари што им нудат поголема сигурност и подобар однос меѓу цената и квалитетот. Потребно е повторно градење на довербата преку долгорочно партнерство, присуство на важни туристички саеми, подобра промоција и јасна стратегија за задржување на традиционалните пазари.
Скопје често се смета за транзитна дестинација. Како може градот да привлече туристи за подолг престој?
Скопје има потенцијал да биде многу повеќе од место каде што поминуваат туристите една или две ноќи. Градот има богато културно и историско наследство, Старата скопска чаршија, кањонот Матка, Водно, интересна гастрономска понуда и близина до вински региони и археолошки локалитети. Проблемот не е во недостигот на содржини, туку во нивните недоволни поврзаност и промоција. Потребно е да се создадат повеќедневни туристички програми што ќе му понудат на посетителот причина да остане подолго. Скопје треба посилно да се позиционира и како град на настани, преку културни фестивали, музички манифестации, спортски настани, гастрономски фестивали и конгресен туризам. Денешните туристи не бараат само знаменитости туку и искуство што ќе го паметат.
Како може Македонија да привлече туристи со поголема платежна моќ?
Привлекувањето туристи со поголема потрошувачка не се постигнува со масовен туризам и со ниски цени, туку со квалитетен производ со поголема додадена вредност. Македонија има потенцијал во винскиот и гастрономскиот туризам, културното наследство, активниот туризам, руралното искуство, велнесот и конгресниот туризам. Наместо да се натпреваруваме само со евтини аранжмани, треба да понудиме автентично искуство: локална храна, квалитетно сместување, професионални водичи, тематски тури и содржини што ќе создадат повисока вредност. Истовремено, потребни се инвестиции во туристичкиот кадар, инфраструктурата и подобрата авионска поврзаност со клучните пазари.
Дали е Македонија доволно конкурентна туристичка дестинација во споредба со земјите од регионот?
Македонија има значајни природни и културни ресурси, но денес повеќе не е доволно тоа. Земјите во регионот – Хрватска, Грција, Словенија, Црна Гора, но и Албанија и Србија – континуирано инвестираат во инфраструктурата, промоцијата и во создавањето нови туристички производи. Нашиот проблем е што сè уште често се потпираме само на природните убавини и културното наследство, без доволно да ги претвориме во современо туристичко искуство. Потребно е да преминеме од промоција на поединечни локалитети кон развој на интегрирани понуди: вински маршрути, гастрономски патувања, културни програми, активен туризам и целогодишни туристички пакети.
Што е потребно за создавање целогодишен и одржлив туризам?
Создавањето целогодишен туризам бара вистинско партнерство меѓу институциите, приватниот сектор, локалните самоуправи и туристичките организации. Туризмот не може да се развива ако секој работи одделно. Потребни се заедничко планирање, инвестиции и јасна национална стратегија. Македонија има потенцијал за развој на различни форми на туризам во текот на целата година: вински, културен, гастрономски, рурален, верски, активен и конгресен туризам. Најважно е туризмот да се гледа како стратешка економска гранка, а не само како сезонска активност. Целта не треба да биде само повеќе туристи туку и повеќе посетители што ќе остануваат подолго, ќе трошат повеќе и ќе создаваат придобивки за локалните заедници. Само со модерен, квалитетен и одржлив туристички сектор Македонија може да создаде нови работни места, да ја зголеми конкурентноста и да им понуди повеќе перспективи на младите во сопствената земја.












