Соларната енергија веќе не е прашање на иднината, туку реалност на македонскиот енергетски сектор, но нејзиниот натамошен развој мора да биде проследен со подобро планирање, предвидливи правила и зајакнување на енергетската мрежа. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, на отворањето на петтата Годишна соларна конференција во организација на Македонската соларна асоцијација – Солар Македонија.

На конференцијата се собраа компании, инвеститори и експерти од секторот на обновливите извори на енергија, а во фокусот беа идниот развој на соларните капацитети, инфраструктурата и условите за нови инвестиции. Божиновска порача дека државата мора да обезбеди усогласен развој на производствените капацитети и мрежната инфраструктура.

– Не можеме да градиме обновливи капацитети побрзо од она што мрежата може безбедно да го прими. Со новата регулатива и годишните планови Македонија создава предвидлив амбиент за инвестиции и сигурен енергетски систем. Планираме однапред, ја подготвуваме мрежата и создаваме услови новите инвестиции навистина да бидат функционални и одржливи – рече министерката.

Според Божиновска, новата законска рамка за енергетика и обновливи извори треба да овозможи пофер и попредвидлив инвестициски амбиент, но истовремено и поголема заштита на стабилноста на енергетскиот систем.

Како особено значаен механизам таа ги посочи годишните планови за развој на енергетската инфраструктура, преку кои однапред ќе се определува каде, кога и какви нови производни капацитети може да се развиваат, во согласност со реалните можности на мрежата.

– Сакаме да ставиме крај на пристапот „прво да изградиме, па потоа да бараме решение за мрежата“. Паралелно со новите соларни и ветерни капацитети, Министерството работи на зајакнување и дигитализација на преносната и дистрибутивната мрежа, како и на развојот на батериското складирање – истакна Божиновска.

Таа додаде дека идниот развој на обновливите извори не треба да се мери само преку количината на произведена електрична енергија, туку и преку способноста таа енергија ефикасно да се користи и складира.

На конференцијата министерката говореше и за подготовките на земјата за новите енергетски технологии. Таа ја посочи првата сеопфатна Водородна студија, како и планирањето на новата енергетска инфраструктура со поглед кон идните технологии.

Како пример го наведе гасниот интерконектор со Грција, кој, според неа, е проектиран со можност за иден транспорт на зелен водород.

Божиновска упати порака и до инвеститорите дека државата останува отворена за нови инвестиции во енергетскиот сектор, но дека тие треба да се реализираат во рамки на јасни и еднакви правила.

– Вратата е отворена, но правилата мора да бидат јасни и еднакви за сите. Нашата задача е да создадеме систем во кој добрата инвестиција има сигурност, државата има контрола врз својот енергетски систем, а граѓаните добиваат сигурна и достапна енергија – порача министерката.

Таа ја заокружи пораката со повик за натамошен развој на енергетскиот сектор преку повеќе обновливи извори, нови инвестиции, посилна мрежа и долгорочно планирање.

ИЗДВОЕНИ