среда, септември 23, 2026
Дома СВЕТ Италија по 40 години се враќа на нуклеарната енергија

Италија по 40 години се враќа на нуклеарната енергија

0
EPA/FILIP SINGER

Пратениците на италијанскиот Сенат усвоија закон со кој на земјата повторно ѝ се овозможува развој на нуклеарната енергетика, речиси 40 години откако Италија се откажа од користењето на атомската енергија, пренесува „Блумберг“.

За законот гласаа 81 пратеник, додека 51 беа против, а седуммина беа воздржани.

Телевизијата „Еј-Би-Си“ наведува дека законот не одобрува изградба на конкретни нуклеарни реактори, туку само создава „правна основа за идни проекти“.

„Блумберг“ проценува дека за повторно започнување на производството на нуклеарна енергија во Италија ќе биде потребно време, додека засега не е познато кога земјата би можела да започне со изградба и користење на нуклеарни постројки.

Законот е усвоен во согласност со политиката на премиерката Џорџа Мелони, чија цел е да ја заштити италијанската економија од растот на цените на енергенсите и да ја намали зависноста на земјата од странски добавувачи на енергија.

Опозициските партии веќе изразија несогласување со плановите на владата и најавија дека ќе ги оспоруваат идните проекти кога ќе бидат предложени конкретни локации за изградба на реактори и складишта за радиоактивен отпад.

Италија во 1987 година, по нуклеарната катастрофа во Чернобил на 26 април 1986 година, одржа референдум за оправданоста на користењето на нуклеарната енергија. Мнозинството граѓани се изјаснија за напуштање на нуклеарната енергетика.

Последните италијански нуклеарни централи беа затворени во 1990 година.

ИЗДВОЕНИ