
По почетниот пад предизвикан од кризата во Иран, туристичките резервации за дестинации на источниот Медитеран бележат нагло закрепнување. Резервациите за Кипар, Турција и за делови од Северна Африка паднаа по нападот на САД и Израел врз Иран на крајот од февруари, но побарувачката почна стабилно да се враќа уште пред минатонеделниот договор за прекин на огнот, пишува „Фајненшл тајмс“.
Пониските цени на хотелите и свеста на патниците дека овие дестинации се оддалечени стотици или илјадници километри од кризното жариште придонесоа за закрепнувањето.
– Патниците го земаат својот билет и сфаќаат дека Суецкиот Канал не е исто што и Хормускиот Проток – рече Кентон Џарвис, извршен директор на „Изи џет“, додавајќи дека хотелите во регионот нудат атрактивни понуди што се натпреваруваат со оние во Шпанија.
Податоците од „Лајтхаус груп“ потврдуваат за силното закрепнување: пребарувањата за хотели во Египет, Турција и на Кипар постојано се зголемуваат од средината на април. Во втората недела од јуни, пребарувањата за Турција и за Египет беа за една третина повисоки отколку во првата недела, додека за Кипар се зголемија за 29 проценти. Ник Аристоу од групацијата луксузни хотели „Мускита“ истакна дека од мај ситуацијата драматично се подобрила, а падот на резервациите го компензираат помладите парови и европските туристи. Авиокомпаниите и платформите, исто така, бележат закрепнување. Во Египет, „Изи џет“ брзо се префрли од негативна на многу силна позитивна позиција на годишна основа, додека „Визер“ забележа силен раст на пазарот во Турција, Египет и на Кипар. Платформата „Триваго“ известува дека пребарувањата за хотели во Мароко и во Египет се за 22 проценти повисоки од минатата година.
Европските патници, кои размислувале за патување на долги релации поради тензиите на Блискиот Исток, сега сè повеќе избираат да одат на одмор поблиску до дома. Мајкл О’Лири, шеф на „Рајанер“, истакнува дека семејствата, веројатно, ќе ја изберат Европа за одмор, иако опцијата за патување на долги релации сè уште останува отворена. Закрепнувањето на туристичкиот сектор покажува дека ниту геополитичката криза ниту стравот од конфликт не може трајно да ја запрат побарувачката, особено кога се безбедни дестинациите, а понудите привлечни и финансиски прифатливи.











