понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДВЕ ГОДИНИ ОД ВЛАДАТА НА ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ, АНАЛИТИЧАРИТЕ ОЦЕНУВААТ: Половина мандат,...

ДВЕ ГОДИНИ ОД ВЛАДАТА НА ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ, АНАЛИТИЧАРИТЕ ОЦЕНУВААТ: Половина мандат, половични оцени – најсериозните предизвици остануваат

Додека од владејачката коалиција посочуваат дека се исполнуваат ветувањата за економско закрепнување, борба против криминалот и институционални реформи, опозицијата обвинува за недоволни резултати и за застој во клучните процеси. Аналитичарите за весникот ВЕЧЕР оценуваат дека изминатиот период донел одредено поместување во дел од областите, но дека пред Владата остануваат сериозни предизвици. Според аналитичарот Благојче Атанасоски, ако се направи пресек на досега сработеното на оваа Влада на половина од нејзиниот мандат, многу повеќе ќе се нотира разочарување одошто задоволство. Наспроти ова, аналитичарот Владимир Божиновски смета дека главен критериум за оцена на постигнувањата на актуелната Влада треба да биде општото јавно мислење во земјава. Остра критика за досегашната работа на Владата упатува неговиот колега Синиша Пекевски, според кого „економијата и високата корупција останаа како ненадминлива пречка и тука најмногу потфрлија“. Но, иако различно го толкуваат билансот на Владата, аналитичарите се согласни дека третата година од мандатот ќе биде клучна за конечната оцена на нејзината успешност

257

Со најави за реконструкција, кадровски преиспитувања и барање поголема ефикасност од институциите, Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски утре ја одбележува двегодишнината од преземањето на власта. Своевиден вовед во одбележувањето е и пораката „Ако сте уморни, заминете“, која им ја упати неодамна премиерот на функционерите. Токму затоа, две години по доаѓањето на власт, се отвора прашањето што е навистина исполнето од ветувањата, каде се видливи резултати, а во кои области Владата сè уште останува должна пред граѓаните.

на утрешен ден, пред точно две години, кога ја доби парламентарната поддршка за избор на својот кабинет од 77 пратеници, Мицкоски вети напорна работа, намалување на даноците, зголемување на пензиите, 200 милиони евра за општински проекти, една милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до 5 проценти на македонската економија и почеток на капитални инфраструктурни и други проекти. Рече дека нема да се прифати бугарски диктат за уставните промени.

– Ќе видите што значи работа за својот народ и што е мојата борба – рече тогаш Мицкоски.

Додека од владејачката коалиција посочуваат дека се исполнуваат ветувањата за економско закрепнување, борба против криминалот и институционални реформи, опозицијата обвинува за недоволни резултати и за застој во клучните процеси. Аналитичарите оценуваат дека изминатиот период донел одредено поместување во дел од областите, но дека остануваат сериозни предизвици пред Владата. Така, и кај аналитичарите се присутни различни оцени во однос на двегодишниот учинок на владиниот кабинет.

ПОДДРШКА ВО АНКЕТИТЕ

Според аналитичарот Благојче Атанасоски, ако се направи пресек на досега сработеното на оваа Влада, на половина од нејзиниот мандат, ќе се нотира многу повеќе разочарување одошто задоволство.

– Одредена категорија граѓани што ги гласале се незадоволни, бидејќи очекувале да се раскинат „штетните договори“ со Грција и со Бугарија и да се врати старото уставно име. Нема ништо од тоа. Други очекувале да излезат „уставобранителите“ од затвор, за настаните од крвавиот четврток на 27 април, нема ништо од тоа. Трети, дека ќе се зголеми стандардот. Гледаме дека се зголемија само иселувањето и масовното незадоволство. Има прогрес во популизмот за зголемување на пензиите и „одбрана на идентитетот“, потфрлување најмногу кај нерешавањето на натрупаните проблеми од сите аспекти на општественото живеење во овие 35 години на независност – коментира Атанасоски за весникот ВЕЧЕР.

Во контекст на најавената реконструкција, вели дека првиот впечаток за сè во животот е најважен, па така и за владите низ светот.

– Ако веќе граѓаните имаат создадено чувство на разочараност од огромните ветувања, тогаш секоја реконструкција е депласирана и небитна во очите на електоратот – додава Атанасоски.

Наспроти ова, аналитичарот Владимир Божиновски смета дека главен критериум за оцена на постигнувањето на актуелната Влада треба да биде општото јавно мислење во земјава.

– А истражувањата на јавното мислење покажуваат дека граѓаните, генерално, се задоволни од работењето и од ефектите на Владата во изминативе две години. Пред осум месеци, имавме локални избори на кои се потврди победата на владината коалиција, претходно остварена на парламентарните избори, а и актуелните истражувања покажуваат голема процентуална разлика меѓу политичките партии од власта и од опозицијата. Општата ситуација во земјава, за разлика од пред десетина години, е стабилна, а тоа го покажа и увезениот обид за кревање на меѓуетнички тензии со барањата за полагање на правосудниот испит на албански јазик. Се виде дека не може да се зголемат меѓуетничките тензии и дека се стабилни односите – потенцира Божиновски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека, како наследен товар, на оваа Влада ѝ стои проблемот со бугарската блокада на нашата евроинтеграција и францускиот преглед.

– Тука треба да се посвети поголемо внимание со цел да се најде компромис. Тука ни е потребна поддршка од ЕУ со оглед дека кај нашите граѓани преовладува чувството како да се оставени со тој проблем. Нам ни е потребна поддршка за она што се бара сега од нас утре да не се претвори во серија нови сопки. Во другите области, како, на пример, во економијата, состојбите се стабилни, што го потврди и надминувањето на кризата со горивото – нагласува Божиновски.

Во однос на реконструкцијата на владиниот кабинет, Божиновски очекувал дека ќе се случи порано, уште во март-април.

– Двегодишнината е убав момент да се направи рекапитулација на работата на владиниот состав. Има три главни придобивки од неа. Првата е што ќе се сменат оние што работеле лошо, и со тоа се праќа порака до граѓаните. Втората е дека добрите остануваат на функција, а третото е тоа што оние што чекаат на своја функција, добиваат надеж дека еден ден ќе дојдат до неа, дека се движат работите и што има внатрепартиска функција – потенцира овој аналитичар.

КЛУЧНА ЌЕ БИДЕ ТРЕТАТА ГОДИНА

Остра критика на досегашната работа на Владата упатува неговиот колега, Синиша Пекевски.

– Ако направиме евалуација на досегашната работа на Владата, најавената реконструкција кажува ама баш сè. Опкружен со неквалитетни и необразовани кадри за водечките позиции на кои се поставени, кажува сè. Освен зајакнатиот патриотизам на локално тло, немаме никаков успех на ниеден план, ниту на домашен ниту на меѓународно ниво. Економијата и високата корупција останаа како ненадминлива пречка, и тука најмногу потфрлија. Реално, Владата нема ама баш ниту еден успех со кој може да се пофали. „Безбеден град“, како проект, е добра основа, ама и тој затајува – вели Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Аналитичарите, очигледно, различно го толкуваат билансот на Владата, но се согласни дека третата година од мандатот ќе биде клучна за конечната оцена на нејзината успешност.

Инаку, премиерот Христијан Мицкоски и вчера оцени дека првичните разговори во рамките на коалицијата за реконструкција на Владата се конструктивни и најави дека тие ќе продолжат неделава, а очекува во текот на викендот и да завршат. Обелодени дека во рамките на разговорите станало збор и за опцијата за промена на ресорите.

– Во првите разговори преовладува конструктивен амбиент. Во текот на оваа недела, повторно ќе имаме средби. Јас очекувам тие да бидат завршени, а во текот на викендот да се формализира сето тоа и со имиња и со други специфики – потенцира Мицкоски.

Викендов, тој најави дека списокот со кадровско освежување на Владата во законодавниот дом ќе се знае на први јули. (Б. Ѓ.)

 

ВМРО-ДПМНЕ изброја 2.000 реализирани проекти, за СДСМ остварувањето е нула

Во пресрет на денешната двегодишнина од работата на владиниот кабинет, владејчаката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека за две години се реализирани над 2.000 проекти, мерки, инвестиции и програми.

– Сè со јасна цел економски развој, модерна инфраструктура и подобар животен стандард на граѓаните. Економските показатели покажуваат раст на БДП од над 3 отсто во седум последователни квартали, отворени се 17.000 нови работни места, стапката на невработеност е намалена од 12,5 отсто на 11,3 проценти, а стапката на вработеност е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти. Македонија денес е меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа според растот на БДП, а странските директни инвестиции достигнаа рекордни 1,255 милијарди евра. Зголемени се платите во здравството, образованието, полицијата и во одбраната, како и пензиите. Воедно, просечната нето-плата за две години е зголемена за 19,6 отсто – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Наспроти ова, од најголемата опозициска партија, СДСМ, обвинуваат дека по владините две години, народот живее потешко, поскапо и понеизвесно.

– Единствено нешто што забрзано се зголемува овие две години се цените, трошоците за живот, сиромаштијата. Македонскиот работник живее потешко, социјално ранливите граѓани се заборавени од државата, пензионерите манипулирани. ВМРО ветуваше инфлација од 2,5 отсто. Денес инфлацијата е 4,8 проценти и е речиси двојно повисока од ветувањето. За нормален живот се потребни речиси три минимални плати. Македонскиот работник зема најниска плата во Европа, со која едвај издржува до половина месец. Од социоекономските ветувања. за овие две години ВМРО нема исполнето ништо. Резултатот на остварените ветувања на Мицкоски е нула – изјави вчера Јованка Тренчевска, пратеничка на СДСМ.

ИЗДВОЕНИ