Формалната свадба на Доналд Трамп помладиот и Бетина Андерсон е одложена на неодредено време, бидејќи семејството Трамп смета дека не е соодветно во моментов да се организира голема прослава додека трае конфликтот што американскиот претседател го води со Иран.
Иако неодамна беше одржана раскошна моминска забава во Мар-а-Лаго, извори блиски до семејството тврдат дека гламурозна свадба би била невкусна во овој момент. Како алтернатива, се разгледува помала церемонија во Белата куќа, наменета исклучиво за најблиските луѓе, но само кога ќе се стабилизира ситуацијата на Блискиот Исток.
– Тие чекаат вистински момент поради она што се случува во светот. Тие сакаат да почекаат додека не се смири – изјави извор за британскиот таблоид „Дејли меил“.
На прашањето дали свадбата ќе биде одложена додека не заврши конфликтот со Иран, истиот извор рече дека „верува дека тоа се случува“ и дека „ова не е вистинско време“. Тој додаде дека двојката сакала „многу интимна прослава“ со семејството „кога сè ќе се среди“.
Бетина Андерсон, личност од високото општество и хуманитарка од Палм Бич, се сврши со Трамп помладиот во декември 2025 година, кога тој ѝ подари дијамантски прстен. Нивната врска првпат стана јавна во 2024 година, а свршувачката се случи точно една година откако беа објавени фотографии од нив како се држат за раце.
На почетокот на април, Бетина организирала моминска забава во Мар-а-Лаго, на која присуствувале Иванка Трамп, Лара Трамп, Тифани Трамп и 18-годишната Каи Трамп, како и Марла Мејплс, додека Меланија Трамп не присуствувала.
Изворите истакнуваат дека свадбата дефинитивно нема да се одржи во Мар-а-Лаго, каде што во моментов има зголемени безбедносни мерки.
– Знам со сигурност дека нема да се одржи таму. Моминската забава беше таму, но свадбата нема – рече изворот.
Двојката долго време ја криеше својата врска бидејќи Трамп Џуниор во тоа време сè уште беше официјално во врска со Кимберли Гилфојл. Тие првпат беа фатени заедно во август 2024 година за време на романтичен ручек во Палм Бич, каде што разменија нежности, а подоцна беа видени како се држат за раце на роденденот на Бетина.












