петок, јуни 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Трошоците растат, платите стојат, само за храна месечно одат 26 илјади денари

Трошоците растат, платите стојат, само за храна месечно одат 26 илјади денари

744

Трошоците за живот во Македонија продолжуваат да растат и сè повеќе се чувствува тоа во секојдневието на граѓаните. Новите податоци за синдикалната минимална кошница покажуваат дека за пристоен живот е потребен сè поголем месечен буџет, што претставува сериозен предизвик за голем дел од домаќинствата.

Вредноста на синдикалната минимална кошница во април изнесува 68.797 денари, што претставува зголемување од 979 денари во однос на март, кога таа изнесуваше 67.818 денари. Податоците покажуваат дека продолжуваат да растат трошоците за живот, при што за периодот од јануари до април 2026 година, минималната кошница е зголемена за вкупно 3.305 денари.

Доколку се пресметаат и трошоците за изнајмување стан од 60 квадратни метри, вредноста на минималната кошница во април достигнува 84.172 денари месечно.

Најголем дел од трошоците на едно домаќинство и натаму се однесуваат на храната и пијалаците, за кои се издвојуваат 26.085 денари или 37,9 проценти од вкупната кошница. Следуваат образованието со 7.192 денари (10,5 проценти), како и трошоците за станарина, вода, електрична енергија и за греење со 6.338 денари (9,2 проценти). За облека и за обувки месечно се издвојуваат 6.129 денари, додека за рекреација и култура – 5.592 денари. Трошоците за транспорт изнесуваат 4.961 денар, а за ресторани и хотели – 4.131 денар. За комуникации се предвидени 3.417 денари, за лична хигиена и за хигиена во домот 2.667 денари, додека за здравје се издвојуваат 1.185 денари. Најмал удел во кошницата имаат другите стоки и услуги со 1.100 денари или 1,6 проценти.

Ако се земе предвид пресметката со изнајмен стан, трошоците за домување (станарина, вода, електрична енергија и греење) достигнуваат 21.713 денари, што значително го зголемува вкупниот месечен буџет потребен за едно домаќинство.

Граѓаните велат дека сè потешко ги покриваат основните трошоци и дека платите не го следат растот на цените.

– Секој месец е сè потешко. Цените растат, а платата останува иста. На крај, едвај стигнуваме до следната плата – вели еден скопјанец.

Други додаваат дека најголем товар им претставуваат храната и сметките за струја и греење, поради што се принудени да кратат на другите потреби.

Овие податоци укажуваат на континуиран раст на животните трошоци и на дополнителен притисок врз домашниот буџет. Доколку продолжи ваквиот тренд, сè повеќе граѓани ќе се соочат со тешкотии во одржувањето на основниот животен стандард, што отвора прашања за потребата од мерки за ублажување на ценовниот удар и подобрување на економската состојба.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ