Според образложението на комисијата во состав Алфонсо Ривера, Маја Крајнц и Рахул Џаин, кои одлуката ја донесоа едногласно, филмот емотивно го разоружува гледачот уште од самиот почеток, преку формално сензуален јазик на интимна едноставност. „Филмот глатко ги балансира спротивставените сили меѓу соновните регистри на внатрешната психолошка изолација и надворешното чувство на припадност кон просторот“, посочува комисијата

 

Филмот „Тристан засекогаш“ на авторите Тобијас Ноле и Лоран Бонардо ја доби наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм на 17.  издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во Скопје. Според образложението на жири-комисијата во состав на Алфонсо Ривера, Маја Крајнц и Рахул Џаин, кои одлуката ја донесоа едногласно, филмот емотивно го разоружува гледачот уште од самиот почеток, преку формално сензуален јазик на интимна едноставност. „Филмот глатко ги балансира спротивставените сили меѓу соновните регистри на внатрешната психолошка изолација и надворешното чувство на припадност кон просторот“, посочи комисијата.

Инаку, фестивалот „Македокс“ доделува награди во пет категории, а покрај наградата „Кромид“, се доделува и „Млад кромид“ за најдобар филм во категоријата „Нови автори/ки“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи.

За наградата за најдобри етички идеи годинава одлучуваше жири во состав Хана Корнети, Олександра Калиниченко и Кристина Леловац, а ја доби филмот „Од црвени фенери до рефлектори“ на Бипулџит Басу. Оваа награда е заснована на начинот на кој филмот се однесува кон темата и кон луѓето чии животи ги прикажува.

„Нашите главни критериуми беа ненасилничкиот и неексплоататорскиот пристап, способноста на авторите да воспостават искрена поврзаност со својата тема, истовремено нудејќи храбар поглед кон едно актуелно општествено прашање, како и потенцијалот на филмот да создаде простор за нови наративи и толкувања на светот во кој живееме, а истовремено да поттикне поширока поддршка од заедницата за неговите учесници и надвор од екранот. Посебно признание на наградата за најдобри етички идеи пак, ја доби „Земјата Кикују“ на Беа Вангондју и Ендру Браун, со образложение: „Ова е нежна и великодушна приказна за заедница која станала сидро за сите членови. Филмот пристапува кон тешките теми користејќи ја формата на филм во филм, давајќи им на учесниците простор да го заштитат она што е приватно, наместо да се бара од нив да ги откриваат своите најболни искуства поради сензационализам. Филмот нè потсетува дека луѓето се важни, уметноста е важна, и дека филмовите се важни. Пред сè, им овозможува на учесниците одново да ја преземат в раце својата приказна, наместо таа да биде обликувана од западниот светоглед и доминантниот дискурс, кој ретко им дозволува на сексуалните работници да се претстават низ идентитет што оди подалеку од статусот на жртва…“

За „Млад кромид“ одлучуваше комисијата составена од Марго Мека, Муртада Елфадл и Матјаж Иванишин, кои наградата ја доделија на филмот „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим за „храбрата и возбудлива употреба на сите елементи на филмскиот јазик и естетиката, за начинот на кој работи со времето, додавајќи контекстуален ритам на својот наратив, како и за прекрасната и живописна кинематографија“. Жирито му додели посебно признание на „Имаго“ на Дени Умар Пицаев, „суптилен филм кој со прецизност и емпатија прикажува мошне лична и емотивна приказна, кон сите нејзини протагонисти, без оглед на нивните разлики. Бевме восхитени од начинот на кој режисерот создава отворен простор во кој зборовите и разговорот имаат тежина и значење“.

Комисијата во состав Стојан Синадинов, Џони Костантино и Марина Д. Рихтер, пак,  одлучуваше за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм, а ја доби „Роење птици“ на Ксавиер Марадес со образложение: „Додека јато од илјадници сколовранци, менувајќи ја формата, хистерично лета над покривите на неговиот роден град, мислите на режисерот летаат кон други места и времиња што го оформиле, како и кон изворот на инспирација за неговата интимна приказна која ги надминува автобиографските рамки. Аудиовизуелно прецизно усогласениот наратив на филмот е слоевит, ненаметлив, а сепак срдечен во емоциите што ги изразува. Филмот плени со својата искреност и остроумно поврзува навидум неповрзани култури и колективни сеќавања на две малцинства, без притоа да го изгуби фокусот. Гледачите се вовлечени во јатото од идеи и мисли преку нежната, поетска кореографија на режисерот“.

Посебното признание на наградата „Сечкан кромид“ му беше доделено на „Отворено поле“ на Тебохо Едкинс за моќта со која се обработуваат и соочуваат личната загуба и болка – преку лично учество, водено со умерена режија – во филм кој отвора драгоцени погледи кон универзалното споделување, прелевајќи се во ритуал на колективна грижа наспроти цинизмот на економската моќ.

Вечерта беше доделена и наградата „Кокарче“ за која одлучуваше комисијата во состав Томасо Пријанте, Милагрос Тавара Естела и Радован Петровиќ. Ова признание тие го доделија на студентскиот филм „Здраво ново тело, како си денес?“ на Лаура Канси за „храброста да се прикаже себеси искрено и нежно, откривајќи ја кревкоста на телото, интимноста на една врска и убавината што се наоѓа во секојдневните моменти“.

По доделувањето на наградите во филмската програма во Куршумли ан беа прикажани краткиот документарен филм „Слет 1988“ на Марта Попивода и „Југо оди во Америка“ на Филип Грујиќ и Алекса Борковиќ, а во музичкиот дел на ноќната програма концерт одржа групата „Алембик“, која го изведе својот нов албум „Без никого да удриш“.

Дарко Набаков, извршен директор на „Македокс“, истакна дека заврши едно од најуспешните изданија на фестивалот на кое седум од осумте вечери беа со распродадени билети за проекциите, а присуството на публиката овозможи сонот да стане стварност. Автор на статуетките што се доделуваа на наградените автори е уметникот Глигор Кузмановски, додека вечерта на доделувањето на наградите беше посветена на Влатко Милев-Циги, кој беше љубител на документарниот филм и пријател на „Македокс“.

Фестивалот годинава се одржуваше од 20 до 27 август со мото „Само сонот е стварност“ во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.

 

Легенди

 

1: „Тристан засекогаш“

 

  1. „Од црвени фенери до рефлектори“

 

 

ИЗДВОЕНИ